„Скопски саем“ беше домаќин на значаен состанок на Централноевропската алијанса на саеми (ЦЕФА), на кој членовите на Управниот одбор на организацијата ги разгледуваа идните чекори и стратешки приоритети за наредните пет години. Состанокот ги обедини лидерите на саемската индустрија од Балканот и Централна Европа, кои се фокусираа на дефинирањето на иницијативите кои ќе ги насочат дејствата на ЦЕФА во следниот период.
Претседателот на ЦЕФА, Тони Лазник, нагласи дека е од суштинско значење индустријата да се приспособи на промените што ги донесе пандемијата на КОВИД-19. Тој посочи дека новите очекувања на изложувачите и посетителите ќе бидат клучни за развојот на стратегијата за периодот 2025-2030, која ќе биде базирана на различни пристапи во зависност од специфичните карактеристики на секој регион.
„Овој состанок беше од круцијално значење за изработката на стратегијата 2025–2030, која се заснова на приспособени пристапи за секој регион, почнувајќи од Балканот до Централна Европа, земајќи ги предвид уникатните локални динамики и индустрии,“ изјави Лазник, кој додаде дека е неопходно јасно дефинирање на првите две години за поставување цврсти темели за петгодишниот план.
Кирјакос Позрикидис, од „Хелекспо“, Солун и идниот претседател на ЦЕФА, ја истакна важноста на меѓусебната соработка помеѓу регионалните саеми, нагласувајќи дека синергијата е клучна како на локално, така и на интернационално ниво.
„Стратегијата на ЦЕФА ќе се фокусира на привлекување интернационални купувачи, што ќе придонесе за економски придобивки и за унапредување на угледот на градовите-домаќини“, истакна Позрикидис.
На состанокот присуствуваше и Зоран Ушуриќ, заменик директор на „Загребачки Велесајам“, според кого, успешноста на саемите во голема мера зависи и од нивната самоодржливост, како и од константните релации со изложувачите. Тој нагласи дека технологијата и дигитализацијата се важни како логистичка поддршка, но, сепак, основата на успешниот саем е директната средба помеѓу посетителите и излагачите, што не може да се замени со дигитални платформи.
Даниела Глигоровска, директорка на „Скопски саем“, не го криеше задоволството што Скопје беше домаќин на овој важен состанок на ЦЕФА.
„Голема чест ни е што бевме домаќини на состанокот. Асоцијацијата оваа година ќе го прослави својот 30 годишен јубилеј, а „Скопски саем“ е членка на ЦЕФА од 2002 година. И, покрај предизвиците со кои се соочивме во изминатите години на промена на локацијата на одржување на саемите во Скопје, сепак учеството во саемските асоцијации остана наш приоритет. Овој состанок беше клучен чекор кон развојните активности на оваа асоцијација во иднина и со нетрпение ги очекуваме следните состаноци и Генералното собрание кое ќе се одржи во јуни оваа година во Солун, Грција“, истакна Глигоровска.
Според неа, дискусиите и соработката помеѓу членките на ЦЕФА се од огромна важност, особено што членки се и најголемите саемски куќи во регионот, како Белградскиот саем, Саемот во Нови Сад, „Загребачки Велесајам“, Солунскиот саем – „Хелекспо“, „Интер експо центар“ од Софија, но и членови од Словенија, Романија, Австрија, Унгарија, Албанија, Словачка итн.
„Ни претставува особена чест што сме членки и придонесуваме во развојот на саемската индустрија во регионот и пошироко“, додаде директорката на „Скопски саем“, Глигоровска, која нагласи дека успешната организација на настани е резултат на долгогодишна поддршка од страна на министерствата, асоцијациите и изложувачите, па, така, саемите во Скопје се одржуваат и покрај предизвиците со кои „Скопски саем“ се соочува.
„Во последните неколку години, локацијата на одржување на саемите во Скопје најчесто е Арената „Борис Трајковски“, која ги нуди потребните услови за одржување на саеми, во недостаток на саемски комплекс во Скопје. Станува збор за тим кој има повеќе од 20 години искуство во организирањето на саемски манифестации и кој ги совладува сите предизвици“, додава Глигоровска.
Составувањето на стратегијата за идните активности на ЦЕФА ќе продолжи и на Генералното собрание на организацијата, кое во јуни оваа година ќе се одржи во Солун, и истовремено ќе биде дел од прославата на 30-годишниот јубилеј на ЦЕФА. На ова собрание ќе се дефинираат клучните насоки за понатамошниот развој на индустријата и растот на саемските настани во регионот.