Skip to main content

Комплексот „Македонско село“ по седум години повторно ќе заживее, се избира концесионер

Комплексот „Македонско село“ повторно ќе стане центар на културата, автентичната архитектура и на македонската традиција, набргу ќе се врати на туристичката и на културната мапа на Македонија.

Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, денеска ја потпиша одлуката за избор на концесионер на комплексот, кој се избра по пат на електронско јавно наддавање преку системот со кој управува и оперира Министерството за финансии.

Концесионерот има обврска да ги преземе сите потребни активности за оспособување на комплексот за почеток со работа од 1 јуни 2025 година.

Комплексот „Македонско село“ не функционира речиси седум години откога претходните концесионери се повлекоа поради финансиски загуби, а во меѓувреме од СОЗР влат дека редовно ги исплаќале трошоците за осигурување и обезбедување и практично имало финансиски загуби од над 300.000 евра.

Се додава дека со изборот на концесионер се прави сериозен чекор кон враќање на животот во еден уникатен простор, кој ќе биде отворен за сите граѓани, туристи и љубители на традицијата.

Комплексот „Македонско село“, кој се наоѓа на падините на Водно, блиску до селото Нерези, се состои од 12 автентични куќи, со простории во кои се претставени македонските занаети, делови се користат како хотелски соби, а некои имаат и ресторански дел.

Со реотворањето на комплексот ќе бидат создадени услови за поттикнување на развојот на туризмот, со што ќе се создадат услови и за зајакнување на локалната економија, отворање нови работни места, а ќе биде унапреден и туристичкиот капацитет во Скопје, што ќе влијае на зголемен број туристи не само во Скопје туку воопшто и во земјата.

Поврзани вести