
Индустриската продукција во септември годинава забележа зголемување од 2,7 проценти во споредба со септември минатата година, а за 2,3 проценти во периодот јануари – септември 2025-та во однос на истиот период од 2024-та, соопшти денес Државниот завод за статистика.
Во делот на Преработувачката индустрија, во септември 2025 година, во споредба со септември 2024 година, е евидентиран пораст од 3,1 процент на индустриското производство, а намалување од 2,5 проценти во Снабдувањето со електрична енергија, гас, пареа и климатизација и од 1,7 проценти во Рударството и вадењето на камен.
Најголемо влијание врз растот на индустриското производство во септември 2025 година, во однос на септември 2024 година, имаат секторите: “Производство на прехранбени производи” со 8,3 проценти, “Производство на електрична опрема” со 8,2 проценти и “Производство на моторни возила, приколки и полуприколки” со 7,7 проценти.
Порастот во секторот Преработувачка индустрија е резултат на зголемената продукција и во областите: “Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати”, “Производство на производи од гума и производи од пластични маси”, “Производство на други неметални минерални производи” и “Производство на мебел”.
Според главните индустриски групи, производството во септември 2025 година, во однос на септември 2024 година, бележи зголемување кај “Енергија” за 1,6 проценти, “Интермедијарни производи, освен енергија” за 6 проценти и “Капитални производи” за 3 проценти, додека намалување бележи кај “Трајни производи за широка потрошувачка” за 5,6 проценти и “Нетрајни производи за широка потрошувачка” за 0,6 проценти.
 
                    
 
                         Македонски
Македонски







