
Генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев најави дека компанијата следната недела ќе добие грант од Светската банка за изградба на гасната електрана РЕК „Битола 1“ за која планира да ги троши предвидените количини гас од терминалот во Александрополис.
– Во АД ЕСМ изминатиот период работиме со полна пареа на развој на проекти за изградба на комбинирани гасни електрани. Тоа е нашиот одговор на глобалните барања за енергетска трансформација и планот со кој постепено ќе го замениме јагленот. Можам да најавам дека веќе наредната недела компанијата ќе потпише грант со Светската банка во износ од 2,4 милиона долари. Овие средства се наменети директно за проектот за гасната електрана РЕК „Битола 1“, која ќе се гради во кругот на постојните термоелектрани „Битола“- нагласи Узунчев за МИА.

Посочи дека средствата од грантот ќе бидат целосно насочени кон комплетна и детална подготовка преку изработка на потребните студии, подготовка на проектот и подготовка на тендерската документација за изведба на изградбата на новата гасна електрана РЕК „Битола 1“.
– Штом заврши таа фаза, веднаш ќе распишеме јавен повик по строгите правила на Светската банка, со кој ќе се бара изведувач на изградбата – рече Узунчев и додаде дека проектот „РЕК Битола 1“ на гас предвидува инсталиран капацитет помеѓу 250 и 300 мегавати (MW), а целосната реализација на овој мегапроект се очекува да заврши до 2030/2031 година, што секако ќе зависи и од времетраењето на самите тендерски постапки.

Македонски



