
Еден од најважните енергетски проекти во Западен Балкан, проширувањето на 400 киловолтниот далновод помеѓу Албанија и Македонија, е во завршна фаза, објавија албанските медиуми.
Проектот е имплементиран со поддршка на Европската Унија и германската влада, преку Германската банка за развој (KfW).
Овој значаен зафат е во вкупна вредност од 67,5 милиони евра, од кои 50 милиони евра се финансирање во форма на заем од KfW во име на германската влада; 17,5 милиони евра се неповратен грант од Европската Унија преку WBIF (Инвестициски фонд за Западен Балкан).
Проширувањето на 400 киловолтниот далновод вклучува изградба на два сегмента од далноводот Елбасан-Фиер и Елбасан – граничен премин Ќафасан, на албанско – македонската граница кај Струга, со вкупна должина од 130 километри, изградба на новата 400/220 киловолтна трафостаница „Елбасан 3“, како и рехабилитација на постојната во Фиер.
Клучните придобивки за регионот вклучуваат зголемена прекугранична енергетска безбедност, развој на модерна инфраструктура за чиста енергија, поддршка за економски развој и создавање работни места и подобрена регионална координација во случаи на енергетски кризи, оценуваат од Министерството за енергетика.
Оттаму додаваат дека оваа инфраструктура значително ќе го зајакне капацитетот за пренос на електрична енергија и ќе создаде клучна точка за поврзување со енергетскиот систем на Македонија, воспоставувајќи силна основа за регионалниот пазар на електрична енергија во Западен Балкан.