Skip to main content

Словенечките академици со поддршка за српските студенти и професори

Околу 150 членови на словенечката академска заедница испратија писмо во кое ја изразуваат својата поддршка за протестите на српските студенти, ученици, наставници и универзитетски професори, објави регионалната телевизија Н1.

Во писмото тие нагласуваат дека со големо внимание ја следат „нивната храбра, достојна за восхит и инспиративна борба“ и ги поддржуваат барањата на демонстрантите за властите да преземат одговорност за уривањето на покривната конструкција на железничката станица во Нови Сад, реконструирана со јавни средства, при што загинаа 15 луѓе, меѓу кои и деца.

Трагедијата од 1 ноември поттикна бран студентски протести кои не стивнуваат. Демонстрантите ја обвинуваат српската влада за корупција и непотизам, кои, според нив, довеле до лошо изведениот ремонт на станицата. Бетонската конструкција беше дел од објект што во последните години двапати беше реновиран во рамки на инфраструктурен проект со кинески компании.

„Цврсто ве поддржуваме во вашата ненасилна и упорна борба, водена од студентите, кои секојдневно покажуваат дека младоста често поседува повеќе мудрост отколку староста кога станува збор за борбата за вистина, правда и подобра иднина“, се вели во писмото.

Академиците изразуваат поддршка и за професорите и наставниците кои застанаа зад студентите и учениците, нагласувајќи дека ја ценат нивната решителност за враќање на владеењето на правото во Србија, која, како што велат, се наоѓа во сериозна уставна, политичка и безбедносна криза.

Тие ги осудија реакциите на српската влада и го поздравија одбивањето на Универзитетот во Белград да учествува во предложениот дијалог со претседателот на Србија, подвлекувајќи дека сите идни одлуки треба да бидат донесени во координација со студентскиот пленум.

„Веруваме во можноста за промените за кои се борите со целото срце и сме со вас“, посочија припадниците на словенечката академнска заедница.

Поврзани вести