Skip to main content

Пензија од 1.700 евра за роднините на загинатите и за повредените во пожарот во близина на Атина во 2018 година

Гаранција за исплаќање на обесштетувањата; воведување специјална пензија од 1.700 евра месечно, отпишување на долговите кон државата, како и целосна здравствена покриеност, предвидуваат мерките на грчката Влада за поддршка на семејствата на жртвите и на повредените од, како што соопштија од Министерството за национална економија и финансии на Грција, „двете трагедии што ја потресоа земјата: пожарот во Мати во јули 2018 година и поплавата во Мандра во ноември 2017 година“, јави дописничката на МИА од Атина.

Надлежниот министер за национална економија и финансии на Грција до Парламентот го достави амандманот со конкретните мерки, со што како што информираа од Министерството „државата става крај на една повеќегодишна нерешена состојба и презема конкретни мерки за обесштетување, олеснување и институционална заштита на погодените“.

Во поплавите во западното атинско предградие пред осум години животот го загубија 24 лица, додека пак во пожарите во источното предградие на Атина пред седум и пол години загинаа 104 лица.

Владините мерки предвидуваат целосна заштита на обесштетувањата кои се доделени со судски одлуки и не се подложни на оданочување; специјална пензија од 1.700 евра за роднините на жртвите, како за сериозно повредените во пожарот во Мати со изгореници од втор или трет степен и инвалидитет од 50 отсто и повеќе, целосно и автоматско отпишување на долговите кон даночната управа, фондовите за социјално осигурување и локалната самоуправа и целосна здравствена покриеност за повредените со изгореници, за лекување во Грција и странство, како и бесплатна психолошка поддршка за семејствата на жртвите.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис преку Фејсбук посочи дека „осум години од драмата во Мандра и трагедијата во Мати што следеше, раните сè уште не се зараснати“, а Владата „одговара на оваа неправедна и повеќегодишна нерешена состојба со суштинска помош“.

На жртвите им се обезбедува истата институционална грижа како на погодените од несреќата кај Темпи. Бидејќи во солидарноста не треба да постојат разлики, напиша Мицотакис.

Поврзани вести