
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ ќе му одземе на Бранимир Главаш седум воени одликувања што своевремено му ги доделил Фрањо Туѓман, дознава риечки „Нови лист“.
Станува збор за Орденот на кнез Трпимир со огрлица и Даница, Орденот на кнез Домогој со огрлица, Орденот на бан Јелачиќ, Орденот на Анте Старчевиќ, Орденот на хрватскиот тролист, Споменицата на Татковинската војна и Споменицата на татковинската благодарност.
Главаш во обновената судска постапка повторно беше правосилно осуден на седум години затвор поради воено злосторство извршено врз српски цивили во Осиек во 1991 година.
Од кабинетот на Милановиќ не ја потврдија информацијата, но потсетија на неговата изјава од мај 2021 година, кога му ги врати одликувањата на Главаш, односно ја поништи одлуката на својот претходник Иво Јосиповиќ за нивно одземање.
Таа изјава сега го обврзува Милановиќ да постапи исто како што направи Јосиповиќ во 2010 година, кога Главаш првпат беше правосилно осуден за кривични дела извршени во 1991 година.
Да не ми побараше Главаш, немаше да се вмешам во тоа, но до мене стигна негово правно засновано барање за враќање на одликувањата. Ако повторно биде осуден, повторно нема да имам избор и ќе морам да го продолжам она што го започна Јосиповиќ. Мислам дека на Главаш тоа му е сосема јасно – изјави Милановиќ пред четири години.
Милановиќ му ги врати одликувањата на Главаш откако Уставниот суд на Хрватска во 2015 година ја укина пресудата врз основа на која Јосиповиќ му ги одзеде признанијата.
Според „Нови лист“, Милановиќ ќе остане доследен на ветувањето дадено во моментот кога ги врати одликувањата. Самиот Главаш смета дека за тоа нема потреба.
Не знам што ќе направи претседателот на Републиката, не комуницирам со него. Но, мене тие одликувања за учеството во одбраната на Хрватска ми ги додели претседателот Фрањо Туѓман, кој беше овластен за тоа. Тој знаеше зошто ми ги доделува. Кога еден претседател ќе одликува некого, мислам дека нема причина друг претседател да го оспорува тоа – изјави Главаш.
Откако Високиот кривичен суд на Хрватска пред два дена ја соопшти правосилната пресуда, Главаш порача дека тоа нема да биде конечната одлука и дека ќе ја продолжи правната битка.

Македонски



