
Илјадници демонстранти се собраа на централниот плоштад во Софија протестирајќи против одлуката на владата за воведување на еврото, барајќи за оваа одлука да се одлучи на референдум.
Европската Унија го одобри воведувањето на еврото во Бугарија на 1 јануари.
Демонстрантите, предводени од граѓански здруженија и националистички партии познати по своето противење на воведувањето на еврото, објавија дека планираат да постават шатори на централниот плоштад и да го претворат во „Град на левот“ – по името на бугарската валута.
На плоштадот беше поставен транспарент со натпис: „Битката за бугарскиот лев е последна битка за Бугарија“.
Со воведувањето на еврото, некој друг ќе одлучи како ќе ги трошиме парите, а бугарскиот буџет ќе биде одобрен од Европската централна банка. Тоа е државен удар, предавство“, порача лидерот на партијата Препород, Костадин Костадинов.
Костадинов рече дека претставници од Германија, Литванија, Романија, Чешка, Словачка и Унгарија дошле на протестот во Софија.
Пред протестот, партијата Препород до бугарскиот Парламент поднесе предлог за недоверба на владата, обвинувајќи ја дека не ги спроведува реформите потребни за стабилизирање на јавните финансии, туку наместо тоа работи на воведување на еврото. За предлогот ќе се гласа следната недела, но се очекува дека владејачката коалиција ќе преживее.
Бугарија е членка на Европската Унија од 2007 година и сега е во последната фаза од пристапувањето кон Еврозоната. Последната институционална одлука ќе биде одобрувањето од Европскиот парламент во Стразбур и Советот за економски и финансиски прашања во Брисел на 8 јули. Европскиот совет веќе даде јасна поддршка за влезот на Бугарија во еврозоната на 1 јануари 2026 година.
Во текот на речиси две децении членство во ЕУ, Бугарија се соочи со политичка нестабилност и корупција, поттикнувајќи го евроскептицизмот кај нејзините 6,4 милиони граѓани.
Бројни тврдења на противниците на еврото сега се шират на социјалните мрежи, кои поттикнуваат страв од економски промени кои, според нивните тврдења, би можеле дополнително да ја зголемат сиромаштијата. Економистите сметаат дека приклучувањето кон Еврозоната нема да донесе значајни промени во бугарската економија на краток рок.