
Социјалдемократската партија (СДП), најголемата хрватска опозициска партија, почна постапка за гласање недоверба на владата на Андреј Пленковиќ, соопшти Хрватската радио-телевизија (ХРТ). Опозициските партии бараат и итна вонредна парламентарна седница во текот на летната пауза, а медиумите шпекулираат дека претседателот Зоран Милановиќ размислува да ја свика.
Иницијативата на СДП доаѓа по увојувањето низа политички и оперативни заклучоци поврзани со незаконското депонирање опасен отпад во градот Госпиќ, во западна Хрватска. За да биде можно гласањето за недоверба, пратеничката група на СДП треба да ги собере потписите на најмалку една петтина од пратениците. Од партијата ги повикаа сите пратеници од опозицијата и независните пратеници да се приклучат кон барањето.
Според СДП, случајот во Госпиќ не е изолиран инцидент, туку е последица на долгогодишното слабеење на системот за заштита на животната средина и недостигот од одговорност на надлежните институции. Партијата порача дека евентуалната смена само на министерот за животна средина не е доволна и побара Владата итно да започне со отстранување на отпадот со учество на независни експерти. Исто така, СДП бара над депонијата да се постави водонепропустлив покрив, да се изработи програма за отстранување на отпадот и да се формира експертска група составена од независни научници, претставници на локалната заедница и граѓански иницијативи.
Иако за нелегалната депонија во Госпиќ и за други слични локации низ Хрватска се пишуваше и порано, случајот во Лика го привлече вниманието на јавноста претходно овој месец. Тогаш хрватската Канцеларија за сузбивање на корупцијата и организираниот криминал (УСКОК) ги објави наодите и стручното мислење на специјалист за заштита на животната средина за локацијата на индустрискиот комплекс во Госпиќ, заедно со дополнување на извештајот. Сите документи ги изработи Факултетот за геотехничко инженерство при Универзитетот во Загреб, потсетува агенцијата ХИНА. На локацијата е утврдено присуство на околу 37.000 тони отпад со различен состав, вклучително и опасен или екотоксичен отпад, со исклучително високи концентрации на бакар, цинк, олово и антимон.
Прашањето за Госпиќ денеска ќе се разгледува на вонредна седница на парламентарната Комисија за животна средина и заштита на природата, свикана од нејзината претседателка Душица Радојчиќ од опозициската партија „Можеме!“.
Истовремено, опозициските партии го повикаа целиот парламент да се врати од летен одмор на вонредна седница за одговорноста за депонијата. Весникот „Нови лист“, повикувајќи се на неофицијални извори од претседателскиот кабинет, објави дека претседателот Милановиќ размислува да ја скрати летната пауза и да свика седница за депонирањето отпад во Лика и низ Хрватска. Според весникот, гласањето недоверба на Владата не би било на дневен ред на таа евентуална седница, бидејќи шефот на државата смета дека тоа би било прекумерно мешање во политичките односи. Засега нема официјална потврда од кабинетот на Милановиќ.
Милановиќ последен пат свика вонредна седница на парламентот на барање на опозицијата пред три години, од 21 до 23 јули 2023 година. Тогаш тој изјави дека „им ги дава клучевите од салата на пратениците“, но не присуствуваше лично. На дневен ред тогаш беа мерките за функционирање на судството по еднонеделниот штрајк и резолуцијата за утврдување одговорност за финансиската штета во хрватската електростопанска компанија во случајот „гас за центи“.
Хрватскиот парламент вообичаено заседава од 15 јануари до 15 јули и од 15 септември до 15 декември. Согласно членот 79 од Уставот на Хрватска, вонредна седница може да побараат претседателот, Владата или мнозинството пратеници, а може да ја свика и претседателот на парламентот по консултации со пратеничките групи.

Македонски


