Хрватска ќе испрати протестна нота до Србија поради апсењето на пет хрватски државјанки во Белград, ќе ја информира Европската комисија за се и ќе ја ревидира препораката за патување на хрватските граѓани во соседната земја, соопшти денеска хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман.
Ќе испратиме протестна нота, ќе ја информираме делегацијата на Европската унија во Белград за постапките на српските власти и нивното однесување кое ги доведе хрватските граѓани во понижувачка положба, изјави Грлиќ Радман на новинарите во Давос, пренесе агенцијата Хина.
Тој најави неколку мерки против Србија, велејќи дека Хрватска ќе ги собере „сите случаи на малтретирање на хрватски граѓани“.
Ќе ја информираме Европската комисија и полското претседателство (со ЕУ) за ова и, се разбира, ќе ја ревидираме препораката за патување на хрватските граѓани во Србија, рече министерот.
Тој објасни дека препораката на МНР за патување во Србија ќе биде изменета со цел заштита и безбедност на Хрватите.
Колку што гледам безбедноста е под знак прашање, оцени Грлиќ Радман.
Тој рече дека хрватските државјанки биле на работилница на Ерсте банка и биле „приведени без никакво објаснување“. Тој додаде дека има информации дека истото им се случило и на романски и на ирски државјани.
Според него, хрватските државјанки се вратиле во земјата со целосна поддршка од Амбасадата на Република Хрватска во Белград.