
Речиси стотина илегални мигранти се приведени во голема акција што полицијата во Босна и Херцеговина ја спроведе во пограничното подрачје долж реката Сава во координација со хрватската полиција, потврдиja од Граничната полиција на БиХ.
Акцијата траела два дена, а почнала откако од хрватската гранична полиција ги предупредиле колегите во БиХ за собирање на голема група илегални мигранти во поширокото подрачје на Босанска Градишка, пренесе Хина.
Како што се наведува во соопштението, во попладневните часови во средата во местото Бистрица беа спречени 63 лица во обид за нелегално преминување на државната граница, меѓу кои имало 40 државјани на Пакистан и 23 државјани на Бангладеш.
Идентификувани и уапсени се и две лица за кои постои сомневање дека ги шверцувале мигрантите, а запленети се и два чамци со кои мигрантите требало да ја преминат Сава.
Потоа, во вечерните часови, граничните полицајци на БиХ во соработка со припадниците на МВР на Република Српска открија уште 33 лица кои имале намера илегално да ја преминат границата со Хрватска.
Меѓу нив имало 18 авганистански државјани, 13 бангладешки и двајца пакистански.
Сите се предадени на Службата за работи со странци при Министерството за безбедност на БиХ.
Илегалните миграции во БиХ се интензивирани од почетокот на оваа година, а во последниот достапен извештај на Министерството за безбедност на БиХ се наведува дека бројот на влезови на илегални мигранти во првите четири месеци бил за 67,5 проценти поголем во споредба со истиот период од 2025 година.
Податоците што ги собра Меѓународната организација за миграции (ИОМ) покажуваат дека во текот на летните месеци најголемиот број илегални мигранти кои се обидуваат да стигнат до Европската Унија преку Западен Балкан е регистриран токму на територијата на БиХ, што во бројки изнесува нешто повеќе од 1.100 на месечно ниво.
Речиси сите тие само минуваат низ БиХ и се задржуваат во просек околу две недели со цел што побрзо да ја преминат границата со Хрватска.

Македонски


