![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/ramus-haradinaj1-1024x683.jpg)
Кандидатот за премиер од Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај ја отфрли можноста за коалицирање со косовскиот премиер Албин Курти. Тој во понеделникот најави дека ќе соработува со опозициските партии за формирање мнозинство.
Тој смета дека прелиминарните резултати од изборите на 9 февруари не се задоволителни и додаде дека очекува да има вкупно околу 70.000 гласови.
„Чест ми е да и помогнам на опозицијата, никогаш со господинот Курти. Со задоволство би соработувале со опозициските политички субјекти за да се формира мнозинство, што реално е можно доколку имаме волја. Ние сме подготвени за тоа. Без никакви услови. Не бараме никаков услов што ќе не спречи да одиме напред“, рече Харадинај, цитиран од Косев.
Тој понатаму изјави дека овој моментален резултат не е добар за Косово.
За обвинувањата на Курти, кој опозицијата ја нарече „ајвани“, Харадинај рече дека овој епитет повеќе му одговара.
„Поголем ајван од премиер кој по четири години на власт кажуваше вицови во текот на целата кампања. За жал, тоа е нашата реалност. Верувам дека граѓаните на Косово вчера можеа да видат кој е тој. Значи, премиер кој не го постигна очекуваниот резултат, а ниту јас не го постигнав тоа што го очекував, но го знаете мојот јазик, првпат употребувам навреда и тоа како одговор кон него. Но, како опозиција, и со слаб резултат, го сочувавме достоинството на нашиот изборен процес, не направивме никакви интервенции што ќе ја нарушат нашата демократија и Косово. Тој што не победи, така излегува и навредува и вика, само тоа е нашата реалност. Имаме работа со личност која е навистина будала. Ќе направиме грешка да го наречеме монструм, тој е нешто полошо“, изјави Харадинај.