
Албанските власти го прифатија барањето на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, и од денеска осигурителната полиса „зелен картон“ чини само 50 евра годишно, наместо 400 евра, колку што се плаќаше претходно.
Ја изразуваме нашата благодарност до Агенцијата за финансиски надзор, која го зеде в предвид барањето на нашата партија и одобри намалувањето на цената на осигурителната полиса „Зелен картон“ за патничките возила. Оваа одлука ќе донесе значителни финансиски олеснувања, особено за жителите на окрузите Корча и Пешкопеја, кои имаат тесни семејни, економски и културни врски со Македонија, изјави за МИА, партискиот лидер Васил Стерјовски.
Порача дека МАЕИ ќе продолжи да поддржува иницијативи што го подобруваат животот на граѓаните и го олеснуваат слободното движење.
Стерјовски, во име на партијата, на почетокот на минатиот месец ја поздрави одлуката на албанското биро за осигурување, која стапи во сила на први февруари и која им овозможуваше на албанските граѓани да патуваат во Црна Гора со осигурителната полиса „зелен картон“ со намален премиум.
При тоа побара од Владата и Одборот за финансиски надзор итно да започнат процес на консултации и координација со Албанското биро за осигурување, со цел истата мерка за намалување на премијата за „зелен картон“ на 50 евра годишно да се примени и за Македонија