Skip to main content

Бугарскиот парламент го одобри зголемувањето на плафонот на државниот долг за до 3,8 милијарди евра

Бугарскиот парламент го одобри зголемувањето на плафонот на државниот долг до 3,8 милијарди евра, јави БТА.

Бугарскиот парламент денеска на второ читање ги усвои измените на т.н. продолжен буџет за 2026 година, со кои му се овозможува на Министерскиот совет, до донесувањето на Законот за државниот буџет за 2026 година, да презема државен долг во износ до 3,8 милијарди евра за финансирање на буџетскиот дефицит, вклучително и за префинансирање во рамки на Планот за обнова и отпорност на Бугарија.

Текстот беше поддржан од 136 пратеници – од „Прогресивна Бугарија“ (122) и ДПС (15). Против гласаа 44 пратеници од „Демократска Бугарија“, „Продолжуваме со промената“, „Преродба“ и еден пратеник од ПБ. Воздржани беа 17 пратеници од ГЕРБ-СДС.

За потребите на готовинското управување и плаќањата на буџетските организации може да се презема државен долг до 3,8 милијарди евра, кој треба да биде отплатен до крајот на тековната буџетска година.

Според усвоените измени, Министерскиот совет ќе може да преговара и да склучи договор за заем со Европската комисија во износ од 3,2617 милијарди евра за добивање финансиска поддршка преку инструментот „Безбедносни мерки за Европа“ (SAFE), насочен кон зајакнување на европската одбранбена индустрија, под услов договорот дополнително да биде ратификуван.

Собранието, исто така, одлучи дека Владата ќе може да презема државен долг и преку среднорочната програма за емисија на долг на меѓународните пазари.

Согласно усвоениот текст, максималниот вкупен номинален износ на обврзниците што можат да бидат издадени во рамки на оваа програма се зголемува од 27 милијарди на 30,8 милијарди евра.

За време на расправата, „Демократска Бугарија“ и „Продолжуваме со промената“ ја обвинија власта дека бара од парламентот да ѝ потпише „празен чек“, бидејќи не доставува пресметки за тоа како ќе се трошат средствата доколку заемот биде реализиран. Од „Преродба“ оценија дека мнозинството не спроведува никакви реформи, додека ДПС најави поддршка за законскиот предлог. Од ГЕРБ-СДС изразија сомнеж дека предвидените 3,8 милијарди евра ќе бидат доволни. Од „Прогресивна Бугарија“ возвратија дека не се одговорни за финансиската состојба во која државата е доведена од претходните влади.

Според Асен Василев од „Продолжуваме со промената“, главниот проблем е што сè уште нема јасен план за распределба на средствата од новото задолжување.

– Не е соодветно да одобриме 3,8 милијарди евра само врз основа на „верувајте ми“, без да знаеме како ќе се трошат тие средства – изјави Василев.

Тој оцени дека на државата најверојатно ѝ е потребна ликвидност, но дека не е јасно колкава, додавајќи дека задолжувањето би требало да изнесува 2,1 милијарда, а не 3,8 милијарди евра.

Мартин Димитров од „Демократска Бугарија“ изјави дека главна цел треба да биде намалувањето на дефицитот и зачувувањето на економскиот раст.

– Времето за корекција на дефицитот е сега и не смее да се пропушти – рече Димитров.

Тој посочи дека неговата партија се противи на предлогот бидејќи нема единствено објаснување за причините за новото задолжување и праша дали, покрај овој долг, ќе има и дополнително задолжување со редовниот буџет.

Претседателот на парламентарната буџетска комисија, Константин Проданов од ПБ, одговори дека „чекот не е празен“ и дека станува збор за обврски создадени од претходните власти, кои сегашната влада мора да ги сервисира.

Според него, средствата се неопходни за покривање на тековниот буџетски дефицит и за Планот за обнова и отпорност. Проданов објасни дека лимитот од 3,8 милијарди евра е предвиден за да ѝ обезбеди поголема флексибилност на државата, а министерот за финансии ќе преземе обврски во однос на дефицитот со буџетот што треба да биде усвоен во август.

Тој предупреди дека, доколку продолжи сегашниот тренд на дефицитот, фискалната резерва до август би можела да достигне негативно салдо од една милијарда евра, што би значело користење средства од Сребрениот фонд.

– Секој месец постои просечен јаз меѓу приходите и расходите од околу 400 милиони евра, а август традиционално е слаб месец за буџетските приходи – рече Проданов.

Во реплика, Асен Василев изјави дека доколку заемот не биде земен, нема да бидат загрозени пензиите, породилните надоместоци и платите, бидејќи тие плаќања имаат законски приоритет.

Според него, евентуално би можело да дојде до одложување на капиталните инвестиции. Василев додаде дека каматата за овој долг би изнесувала околу 160 милиони евра.

Пратеникот од ГЕРБ-СДС, Владислав Горанов, изјави дека не би било потребно изменување на продолжениот буџет доколку власта покажела повеќе трпение во преговорите со синдикатите и работодавачите околу буџетот.

Тој оцени дека ветувањето за буџетски дефицит од три проценти постепено се оддалечува од реалноста и предупреди дека нема гаранции оти предвидените 3,8 милијарди евра ќе бидат доволни.

– Ќе останеме воздржани затоа што се сомневаме дека ќе биде обезбедено потребното финансирање – рече Горанов.

Заменик-претседателката на парламентарната група на ДПС, Ајтен Сабри, најави поддршка за законот, истакнувајќи дека заменик-министерката за финансии Људмила Петкова јасно ги образложила можните последици доколку средствата не бидат обезбедени.

Цончо Ганев од „Преродба“ оцени дека државата очигледно има потреба од дополнителни средства, но дека власта не ги оптимизира расходите.

– Сè уште сте во „медениот месец“ и објаснувате дека сите други се виновни. Не ги намалувате трошоците и не преземате конкретни мерки – изјави Ганев.

Поврзани вести