Косовскиот премиер Албин Курти денеска се сретна со високи функционери во Босна и Херцеговина, што предизвика осуди од Република Српска, чијашто политичка елита го оспорува неговото присуство, бидејќи БиХ не го признава Косово како независна држава.
Остри реакции дојдоа и од Србија.
Првата посета на косовски премиер на БиХ првично беше планирана во рамките на самитот ЕУ-Западен Балкан во Неум, но самитот беше откажан. Сепак, Курти пристигна во Сараево и се сретна со членот на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ.
Претседателката на Претседателството, Жељка Цвијановиќ, изјави дека овој состанок не бил одобрен од државниот протокол, нарекувајќи го приватен.
Ако сакале да се дружат, можеле да отидат во кафеана, а не во институционална зграда, изјави Цвијановиќ.
Канцеларијата на Комшиќ возврати дека членовите на Претседателството не мора да бараат дозвола за свои состаноци и дека критиките од РС и Србија го поткопуваат суверенитетот на БиХ.
Министерот за надворешни работи на Србија Марко Ѓуриќ им порача на членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ и Жељко Комшиќ, по приемот на премиерот на Косово Албин Курти да не и поставуваат прашања на Србија во врска со поддршката на БиХ и нејзиниот територијален интегритет.
Ѓуриќ рече дека одлуката на Беќировиќ и Комшиќ да го примат Курти ја нарушува „основата на односите меѓу Србија и Босна и Херцеговина и може да произведе непоправливи последици за билатералните односи“.
Тој изјави дека „оваа одлука е спротивна на внатрешната организација на БиХ, карактерот и природата на добрососедските односи меѓу Србија и БиХ и дека е длабоко спротивна на принципите на добрососедство и меѓусебно почитување меѓу двете земји“, соопшти Министерството за надворешни работи на Србија објавија.
Спротивно на Србија, која никогаш не го доведе во прашање територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина ниту со збор ниту со дело, официјално Сараево покажа дека не го признава територијалниот интегритет на својот најблизок сосед, оцени Ѓуриќ.