
Танцовото студио Dancers United на 9 декември 2026 година ќе ја одржи „Танцовизија 2026“, својата 13 инклузивна танцова претстава, посветена на славењето на различностите, инклузијата и моќта на танцот да ги обединува луѓето.
Претставата се реализира по повод 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, ден посветен на подигнувањето на свеста за правата, достоинството, можностите и еднаквото учество на лицата со попреченост во општеството.
Настанот ќе се одржи на сцената на Националната опера и балет во Скопје, со две претстави, во 18:00 и во 20:00 часот.
Инклузивните танцови претстави се важен дел од приказната на Dancers United. Нивната традиција со години испраќа порака дека танцот е универзален јазик што ги поврзува луѓето, без оглед на возраста, можностите и способностите. Преку овие настани, студиото создава простор за изразување, прифаќање и заедничко славење на талентот.
Овогодишната претстава ќе донесе нова сценска приказна, исполнета со креативност, енергија и емоции. Посебна можност за публиката ќе биде гласањето во живо за омилените настапи, со што посетителите ќе станат активен дел од настанот.
Организатор е танцовото студио Dancers United, а продукцијата ја потпишува Сара Кочан. Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Македонија, како дел од програмата за проекти од национален интерес во културата.
Информациите за продажбата на билетите ќе бидат објавени наскоро.

Македонски

