
Саудиската фудбалска лига го предупреди денеска играчот на Ал Наср, Кристијано Роналдо, дека ниту еден поединец, без разлика колку е важен за тимот, не донесува одлуки надвор од неговиот клуб.
Реакцијата доаѓа откако португалската фудбалска ѕвезда Роналдо беше изоставен од составот за натпреварот во понеделникот против Ал Ријад, а дел од медиумите објавија дека Португалецот одбил да настапи бидејќи бил незадоволен од начинот на кој клубот е управуван од Саудискиот јавен инвестициски фонд (ПИФ). Најуспешните саудиски клубови, Ал Наср и Ал Хилал, се управувани од ПИФ, во чија сопственост е и премиерлигашот Њукасл.
Би-Би-Си, повикувајќи се на анонимен извор, наведе дека главната причина за фрустрацијата на Роналдо е трансферот на неговиот поранешен соиграч од Реал Мадрид, Карим Бензема, во ривалскиот Ал Хилал. Бензема го имаше своето деби во четвртокот вечер со хет-трик во победата на Ал Хилал од 6-0 против Ал Охдуд.
Роналдо објави фотографија во средата од неговото враќање на тренинзите, но Би-Би-Си објави дека саудиската лига не е сигурна дали Португалецот ќе игра на денешниот натпревар против Ал Итихад.
„Саудиската лига е структурирана околу едноставен принцип: секој клуб работи независно според истите правила. Клубовите имаат свои одбори, свои извршни директори и свое фудбалско раководство. Одлуките за привлекување, трошење и стратегија се на клубовите, во рамките на финансиска рамка дизајнирана да обезбеди одржливост и конкурентска рамнотежа што важи подеднакво за целата лига“, се вели во соопштението на Саудиската лига.
Роналдо му се приклучи на Ал Наср во 2022 година и стана најплатениот играч во историјата на фудбалот со годишна плата од 177 милиони фунти. Петкратниот освојувач на „Златната топка“ го продолжи договорот за уште две години во јуни 2025 година, по шпекулациите дека би можел да го напушти клубот и да оди на позајмица во Ал Хилал.
„Кристијано е целосно посветен на Ал Наср од неговото доаѓање и одигра важна улога во растот и амбицијата на клубот. Како и секој елитен натпреварувач, тој сака да победува. Но, ниту еден поединец, без разлика колку е важен, не донесува одлуки надвор од својот клуб“, се вели во соопштението.

Македонски



