Skip to main content

Делегацијата на Македонската православна црква во Москва се сретна со рускиот патријарх Кирил

Фото: Литургија.мк

Делегација на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, предводена од митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј, на 21 ноември во Москва оствари средба со патријархот Московски и на сета Русија Кирил, во Патријаршиската и Синодската резиденција во Даниловиот манастир, по повод 80-годишнината од неговото раѓање.

Во составот на делегацијата беше и епископот Хераклејски Климент, а во разговорите учествуваа и високи претставници на Руската православна црква, меѓу кои претседателот на Одделот за надворешни црковни односи на Московската патријаршија, митрополитот Волоколамски г. Антониј, пренесува Литургија.мк.

Патријархот Кирил изрази радост што во Русија ги пречекува претставниците на Македонската православна црква, истакнувајќи ги духовните и историските врски меѓу двата народа и цркви.

– Многу нешта нè поврзуваат, пред сè затоа што сме Словени, припаѓаме на кирило-методиевската традиција и го разбираме јазикот еден на друг. Многу сум радосен што сега имаме можност заедно да се молиме и да богослужиме. Нашата денешна средба е посебна: за првпат присуствувате како делегати на Македонската црква – помесна Црква која доби канонска автокефалност, истакна патријархот Кирил.

Тој оцени дека односите меѓу Московската патријаршија и Македонската православна Црква – Охридска архиепископија активно се развиваат. Посочи дека во образовните установи на Руската православна црква се школуваат студенти и студентки од Македонија, како и дека се разгледуваат повеќе заеднички проекти.

Митрополитот Георгиј, од своја страна, ја изрази радоста поради учеството во свеченостите по повод 80-годишнината од раѓањето на патријархот Кирил, нагласувајќи дека заедно со епископот Климент престојуваат во Москва како пратеници на срхиепископот Охридски и Македонски г. Стефан.

Тој ги пренесе честитките на архиепископот Стефан, како и неговите желби за добро здравје и телесни сили за понатамошно исполнување на архипастирското служење.

Митрополитот Георгиј изрази благодарност за поддршката на Московската патријаршија во решавањето на статусот на Македонската православна црква и доделувањето на автокефалноста од страна на Српската православна црква.

Тој се заблагодари и за можноста македонските студенти уште пред дваесет години да се школуваат во духовните училишта на Руската православна црква. Посочи дека дипломираните студенти од овие установи денес се професори во богословските семинарии и на Богословскиот факултет, како и дека служат во други значајни установи на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Како спомен-дар, членовите на делегацијата му подарија на патријархот Кирил икона на светиот рамноапостолен Кирил и свети Климент Охридски.

Патријархот Кирил, пак, побара од делегацијата да му предаде на архиепископот Стефан комплет од две панагии и напрсен крст, како молитвен спомен. На митрополитот Георгиј и на епископот Климент им подари панагии.

По повод јубилејот, архиепископот Охридски и Македонски г. Стефан упати и посебна честитка до поглаварот на Руската православна црква, во која му посака добро здравје, мир и духовна радост.

Во честитката тој ги истакна “пожртвуваното служење на патријархот Кирил во полза на Светата Црква, неговата духовна мудрост и татковска грижа, како и одговорноста во водењето на Руската православна црква”.

Поврзани вести