Skip to main content
Ad8xHfwM-IQ

Битолската група „Вел“ со нов албум – „Коски Коски“

По четири години од дебито „Црнило“, битолскиот состав „Вел“ (Vel) под издавачката куќа QRecords го претстави својот втор албум со наслов „Коски Коски“.

Рецензентот Илија Талев забележува дека новото издание е „потврда на автентичноста“ на бендот:
„Ослободени од притисокот на првиот албум, членовите на ‘Вел’ си дозволуваат игра со музичките форми, истражувајќи нови пространства, но задржувајќи го препознатливиот рок-шаблон. Звукот е разновиден и динамичен, често на границата помеѓу експериментот и класичните рок-структури, додека текстовите остануваат темни и филозофски, но не и депресивни – повеќе катарзични и поетски“, пишува тој.

Групата ја сочинуваат Томе Спасовски (вокал, бас), Златко Никодиновски – З’лте (гитара, вокал), Сашо Ристевски (тапани), Денис Алитовски (клавијатури, вокал), како и старо-новиот член Горан Јаневски (гитара, вокал), кој се враќа во составот. Во песната „Никој“ Јаневски е автор на текстот и вокалите, додека во „Мерзост“ и „Суд“ како гостин повторно се појавува Александар Гулевски, нивни поранешен колега.

Во албумот учествува и Горан Трајковски – Готра („Анастасија“), кој во песната „Г.И.С.“ дава свој вокал и гитарски печат. За оваа композиција е снимен и видеоспот.

„Коски Коски“ е достапен за слушање и поддршка преку Bandcamp-страницата на бендот.