Skip to main content

На 52-годишна возраст почина поранешниот ракометен репрезентативец Александар Јовиќ

Синоќа ненадејно почина поранешниот ракометен репрезентативец и тренер на Пролет, Александар Јовиќ, потврдија од РК Пролет Тинекс. Имаше 52 години.

Тинекс Пролет со огромно жалење ја информира јавноста за прераната смрт на нашиот тренер Александар Јовиќ. Сите сме во шок од информацијата добиена утрово, дека Јовиќ го во раните утрински часови го загубил животот, иако само неколку часа претходно ги водеше тренинзите на нашата екипа.

Немаме зборови да ја опишеме загубата, не само за нашиот клуб, туку и за целокупниот македонски ракомет, врз кој Ацо Јовиќ остави длабока трага и како играч и како тренер.

Александар Јовиќ помалку од една година беше предводник на нашата прва екипа и работеше со младинските категории во тимот, секогаш импесионирајќи со желбата да се помогне на секој играч да напредува во кариерата. Имено на Јовиќ засекогаш ќе остане запишано во историјата на нашиот клуб, како синоним за беспрекорен професионалец кој живееше за ракометот, се вели во соопштението на РК Тинекс Пролет.

Јовиќ е роден во Бјелина во Босна и Херцеговина, а во богатата кариера ги носеше дресовите на четири шампиони на Македонија.

Во 1997/98 беше дел од составот на Јафа Промет од Ресен. Настапуваше и за Вардар, Пелистер и Металург каде ја заврши играчката кариера.

Тренерската ја почна во Автокоманда, ги водеше Металург 2 и првиот тим, а потоа работеше во Битола во Еурофарм Пелистер 2 и во првиот тим, каде имаше голем успех и ја врати титулата по 18 години, пред да го преземе Пролет.

Беше дел од славната генерација македонски репрезентативци кои играа на СП 2009 и ЕП 2012.

Поврзани вести