
Македонската женска ракометна репрезентација загуби вечерва на домашен терен од Германија со 35-27 во рамки на петтото коло од групата 3 во квалификациите за пласман на Европското првенство.
За македонските ракометарки ова беше четврти пораз во квалификациската група во која се третопласирани пред вечерашниот дуел меѓу Белгија и Словенија. Во случај на победа на гостинската репрезентација, Македонија ќе ја чека разврската од последното коло во шесте квалификациски групи овој викенд за да дознае дали ќе обезбеди пласман на Европското првенство како една од четирите најдобро третопласирани репрезентации.
Македонските ракометарки одржуваа резултатска неизвесност во воведните десет минути, кога Германките, кои допатуваа во Скопје со подмладен тим, со серија од 3-0 поведоа со 7-4, а пред крајот на полувремето имаа и водство од 18-10.
Избраничките на селекторот Кристијан Грчевски до крајот на првиот дел ги консолидираа редовите и со серија од 4-1 ја намалија негативата на 19-14 на полувреме.
Во воведните минути од второто полувреме, македонската репрезентација на два пати дојде до негатива од четири голови, но уследи конфузен период во играта што Германија го искористи и со пет голови во серија дојде до највисока предност од 26-17.
Кипријановска со шест голови беше најефикасна во македонската репрезентација која в недела во завршното коло ја очекува дуел на гостински терен против Словенија.

Македонски


