Skip to main content

Грчки медиуми: АЕК службено загуби од Алкалоид, се соочува со опасноста да биде исклучен од Европа

Фото: МИА

 „Официјално: АЕК службено го губи натпреварот со Алкалоид, а со тоа и европската титула“; „АЕК службено изгуби од Алкалоид-сериозна опасност да биде исклучен од Европа“; „АЕК на хартија го загуби финалето во ЕХФ Европскиот куп од Алкалоид“; се дел од насловите во грчките медиуми за вчерашната одлука на ЕХФ, според која Алкалоид е победник на Европскиот куп, јави дописничката на МИА од Атина.

Од АЕК, засега, над 24 часа по соопштувањето на одлуката од ЕХФ, нема официјална реакција, додека пак Ракометната федерација на Грција соопшти дека преку писмо добиено од ЕХФ биле информирани за одлуката на судискиот комитет.

-Судискиот комитет го досуди натпреварот со резултат 10-0 во корист на Алкалоид, кој го освои ЕХФ Европскиот куп. Според Европската федерација, АЕК има седум дена (до 12 јуни) да поднесе жалба, чиј резултат, сепак, нема суспензивен карактер, соопштија од Грчката ракометна федерација.

Спортските медиуми во Грција, во текстовите објавени денеска, со оглед на тоа што новинарите вчера имаа 24-часовен штрајк, акцентот го ставаат и на тоа дека атинскиот клуб можно е да се соочи и со исклучување од европските натпревари следната сезона, но и потсетуваат на одлуката на АЕК да не го одигра натпреварот во Скопје.

– АЕК одлучи да не се натпреварува, во знак на протест поради блокадата на навивачите на границата на Македонија, што доведе до одложување на финалето од безбедносни причини, како што е наведено во официјалното соопштение на федерацијата. Последиците од оваа одлука беа познати од самиот почеток за „жолто-црните“ и на крај се потврдија. Алкалоид беше прогласен за победник и го крена трофејот на ЕХФ Европскиот куп, пишува порталот „Спорт фм“

-Загубата на титулата на хартија не е крајот на тешкотиите за АЕК. Според соопштението на ЕХФ, можни се дополнителни дисциплински и финансиски санкции, што би можело повеќе да го оптовари клубот, пишува „Спортлајв“.

-За АЕК, случајот не завршува тука бидејќи оваа одлука се однесува исклучиво на натпреварувачкиот дел, додека во однос на дисциплинскиот дел и одговорностите што одговараат на двата тима, случајот сè уште е во тек, со ризик од понатамошни казни што остануваат отворени, пишува порталот „Еноси“ специјализиран за вести поврзани со АЕК.

Државната телевизија ЕРТ коментира дека „АЕК знаеше дека одлуката да не се натпреварува во второто финале на Европскиот куп ќе има последици“, но и дека ова може да влијае и на претстојната сезона.

– Прашањето не завршува тука, бидејќи се очекуваат и одлуки во врска со одговорностите на двата тима за фактот дека натпреварот не се одигра. Домаќините од самиот почеток тврдеа дека одговорноста не е нивна, а „двоглавиот орел“, од друга страна, дури и е во опасност две години да биде исклучен од Европа, пишува во текстот на ЕРТ.

Вториот натпревар од финалето на ЕХФ Европскиот куп требаше да се одигра во Скопје на 25 мај, меѓутоа се одложи откако гостите одбија да излезат на терен, објаснувајќи дека потегот е во знак на протест поради тоа што, како шѕо соопштија на нивни навивачи не им бил дозволен влез во земјава.

Поради инцидентите предизвикани од навивачите, РК АЕК е казнет и во домашното првенство и следниот натпревар на домашен терен ќе го игра без публика.

Поконкретно, Комитетот за борба против насилството го казни АЕК поради инцидентите што се случија во првото финале од грчкото првенство против Олимпијакос, кога, како што пишуваат грчките медиуми, по натпреварот навивачите на домашниот тим фрлиле шишиња кон навивачите на гостинскиот тим Олимпијакос. 

Поврзани вести