Skip to main content

Галерија од подготовките на РК Вардар

Ракометарите на македонскиот шампион Вардар 1961 попладнево ги почнаа подготовките за новата сезона, каде ги очекуваат настапите во Лигата на шампионите, како и одбрана на двојната круна во домашните натпреварувања. Тимот предводен од тренерот Иван Чупиќ, го одржа и првиот тренинг во реновираната сала „Расадник“ која ќе претставува тренинг центар на „црвено-црните“, како и терен каде ќе играат дел од лигашките дуели, додека натпреварите од Лигата на шампионите и дерби дуелите со Еурофарм Пелистер, Алкалоид и Охрид ќе ги играат во „Јане Сандански“.

–  Оваа сезона целта да ја одбраниме двојната круна во домашните натпреварувања, но да разбереме прво јас, а потоа играчите дека едно е кога освојуваш, а друго е кога браниш и ќе биде потешко од ланската сезона. Секој противник во Лигата на шампионите е многу тежок, а наша цел е да ја минеме групата и да се пласираме во главната фаза. За новите играчи ќе треба трпение и да се адаптираат. Во домашната лига сите четири екипи влегуваме со подеднакви шанси за титулата, сите имаме по 25%, изјави тренерот на Вардар Чупиќ.

Едно од седумте засилувањата во „црвено-црниот“ табор Леон Љевар истакна:

–  Македонското првенство е најсилно во регионот. Ќе биде тешко има четири сериозни екипи. Но, ние сме шампиони и треба така да се однесуваме и да ја одбраниме титулата.

Јака Малуз, кој ланската сезона беше меѓу најдобрите во „црвено-црниот“ дрес очекува во новата сезона клубот да прикаже уште подобри игри.

–  Местото на Вардар е во Лигата на шампионите. Ќе биде тежок патот, а ќе ги продолжиме и игрите од ланската сезона и треба да бидеме позитивни и оптимисти.

Според планот Вардар ќе работи во Скопје на почетокот, потоа се сели во Маврово, а ќе биде учесник и на турнирите во Струга и во Охрид. До првиот дуел во месец август ќе бидат одиграни и дуели од регионалната лига.

Поврзани вести