
Под покровителство на Министерството за спорт, во наредниот период во Македонија ќе се одржат два големи спортски настани – од 21 до 29 април, Скопје ќе биде домаќин на Светското училишно првенство во ракомет за средношколци, а на 27 април стартуваат „Плазма спортските игри за млади“ во рамките на кои ќе се реализираат натпревари низ 11 градови во државата.
Овие два настани кои се особено значајни за развојот на младинскиот спорт, Министерството за спорт ги реализира во соработка со Федерацијата за училишен спорт на Македонија.
Министерството за спорт како институција што стои посветено зад младите и нивниот развој има јасна цел – да создадеме безбедна, поддржувачка и мотивирачка средина во која секое дете и секој млад човек ќе може да напредува преку спортот. Ова се две масовни спортски манифестации кои значат шанса за младите и промоција на спортот, но и промоција на нашата земја, на нашата спортска култура и на младинскиот потенцијал кој го поседуваме – истакна Илија Ристески од Министерството за спорт, во најавата на настаните.

Македонски


