
Македонското алпско скијање испиша нова историја благодарение на извонредните резултати постигнати на неодамнешните натпревари во Глунгецер (Австрија) и Вајнебене (Австрија).

На слаломската трка во Глунгецер, македонската скијачка постигна значајни ФИС поени во дисциплината слалом со импресивни 30.56 поени, означувајќи го почетокот на нејзините најдобри резултати досега. Иако стартуваше со висок стартен број 28, таа заврши на одличното 12. место, со што уште еднаш докажа дека нејзиниот потенцијал е на високо ниво. Во истата трка учествуваше и норвежанката Теа Луиз Стјернесунд , која моментално е четврта во генералниот пласман во велеслалом во Светскиот куп и 43-та во слалом, а македонската претставничка беше побрза од неа во првото возење, завршувајќи на само 0.70 секунди зад неа по второто возење.

Неверојатните настапи продолжија и на натпреварите во Вајнебене, каде што Јана уште еднаш покажа дека припаѓа на врвот. Првиот ден стартуваше со број 7 и заврши на третото место во вкупниот пласман, со минимално заостанување од 0.36 секунди, при што ги потврди своите 30.77 ФИС поени. Вистинскиот триумф следуваше наредниот ден, кога стартуваше со број 12 и го освои првотот место со убедливо водство од 0.62 секунди, поставувајќи свој кариерен рекорд со 25.02 ФИС поени во слалом.

По завршетокот на сезоната и финалните пресметки на ФИС, Јана Атанасовска ќе се најде меѓу најдобрите 15 скијачки во светот од генерацијата 2006 и во топ 200 на светската ФИС ранг-листа.


Овие достигнувања претставуваат историски пресврт во македонското алпско скијање. Јана Атанасовска стана првиот македонски алпски скијач – и во машка и во женска конкуренција – кој успеал да постигне вакви резултати на меѓународната сцена. Со своите извонредни настапи, таа не само што ги подигна стандардите за македонското скијање, туку и докажа дека талентот, посветеноста и напорната работа можат да ја постават Македонија на светската мапа на алпското скијање.

Оваа сезона беше долга и полна со предизвици, но конечно стигнав до резултатите кои ги чекав со нетрпение. Беше само прашање на време кога ќе се оствари она што го посакував јас па и мојот тренер, бидејќи цело време вложував максимален труд и посветеност. Со оваа прилика, сакам да се заблагодарам на Министерството за спорт за нивната постојана поддршка и вера во мене. Без нив, овој успех не би бил можен, порача Атанасовска.
