
За само година и половина, Министерството за спорт направи сериозни реформи – од наследена институција на ниско ниво до поставување темели за европски стандарди, истакна министерот за спорт, Борко Ристовски во интервјуто за МИА. Како главни приоритети за 2026 година Ристовски ја најави подготовката на нов закон за спорт, инвестиции во инфраструктура и транспарентно финансирање на клубовите. Преку директни субвенции и нови механизми за поддршка, според него, се создаваат услови за развој на таленти и подобри спортски резултати. Тој вели дека ова е процес што не дава резултати преку ноќ, но првите чекори се видливи, а целта е јасна: повеќе можности за спортистите и трајни вредности за македонскиот спорт.
За активен период од една година, година и пол на Министерството за спорт, направивме огромни поместувања во сите сегменти на неговото функционирање. Сите сме свесни дека ова беше институција која навистина беше на многу ниско ниво. Институција во која и вработени и раководни лица сè уште се под обвинение. Така што, после година и пол можам да кажам дека направивме огромни поместувања во тоа како треба да функционира една институција. Дали недостига уште многу за да стигнеме до европски стандарди? Да, меѓутоа ова е само почеток и мислам дека од година во година ќе одиме сè повисоко на скалилото на она што значи услуга и давање можност и на спортот и на сите овие луѓе кои што сакаат да се рекреираат и професионално да се занимаваат со спорт, изјави министерот.
Низ целиот овој период забележавме коментари дека повеќе успеси имаме во спортската инфраструктура отколку на терен. Кој е вашиот коментар за ова?
Со жалење мораме да признаеме дека таа констатација е точна. Резултати во изминатите години, освен поединечни блесоци, немаме, што е поразително за една спортска нација како Македонија. Тоа се должи на системот кој со години функционирал и кој ние сега сакаме да го реформираме. Реформа која значи вистинска поддршка и вложување во млади, талентирани спортисти, реформа која значи вложување во вистински спортските клубов или спортските субјекти, како сакате, и вложување во спортската инфраструктура која, најнапред, треба да ги обезбеди потребните услови за да може еден спорт да се развива и да бараме врвни резултати. Без инфраструктура не може да барате и да очекувате врвни резултати, и токму тоа е процесот или реформите кои ги започна Министерството за спорт. Мислам дека тоа не е процес кој може да даде резултати преку ноќ, меѓутоа, драго ми е што се забележува и во јавноста дека спортската инфраструктура ги прави првите чекори на промените во спортот или реформите во спортот. Сигурен сум дека за неколку години од сега ќе видиме многу повеќе успеси и во индивидуалните и во колективните спортови, пред сè, затоа што ќе создадеме повеќе услови за да се зголеми квантитетот и да можеме да имаме поголем избор, а спортските екипи и субјекти да имаат поголем избор при селекција на талентирани деца и на кадрите генерално, за да можеме да одиме едно скалило погоре и да постигнуваме уште поголеми резултати на спортски план.
Дел од реформите е и новиот закон за спорт. До каде е донесувањето на законот и што конкретно тој ќе донесе?
За една година и половина постоење на Министерството за спорт не можеме сите работи паралелно и одеднаш да ги завршиме, нов закон за спорт е доста сериозна работа. Во тој правец, ангажиравме нов советник од Факултетот за физичка култура, кој ќе раководи или ќе биде дел од тимот што ќе го работи новиот закон за спорт, заедно со вработените во Министерството за спорт. Ќе направиме анализа, се прават веќе компаративни анализи со државите во регионот – како изгледаат нивните закони за спорт – да ќе ги прилагодиме на законите кои се во Република Македонија, за да направиме закон кој пред сè ќе биде во интерес на спортот и неговиот развој. Затоа што ако беше добар Законот за спорт, спортот немаше да стагнира и да не оди напред. Тоа е една од причините, а друг сегмент е финансирањето во спортот. Со новиот закон ќе биде опфатено и тоа. Кога ќе биде готова првата верзија на законот, ќе се направи јавна дебата во која ќе бидат вклучени сите чинители во општеството, за да ги слушнеме нивните предлози и да видиме дали можат да се инкорпорираат во нашите замисли. Потоа законот ќе биде ставен на гласање, и сигурен сум дека ќе значи голем пробив за македонскиот спорт.
Дали можеби до следната година ќе го имаме новиот закон за спорт?
Јас се надевам дека до крајот на следната година ќе ја имаме нацрт-верзијата, затоа што навистина е сложена материја која бара посветеност, добра анализа, компаративни анализи. Не е само да се направи нов закон за спорт, па потоа повторно да се менува како што е сегашниот закон, кој е менуван повеќе од 50 пати. Меѓутоа, работиме со тоа што го имаме. Капацитетот во овој момент на Министерството е ограничен, но како што кажав, не сум тип на човек кој сака да се жали. Никогаш во оваа година и пол не сум излегол во јавност да се пожалам дека немаме кадар или средства. Се бориме со тоа што го имаме, така сум навикнат низ целата моја кариера и живот, и генерално сега како министер се трудам да биде така. Можеби ако бевме министерство со 200 вработени, ќе беше побрзо, меѓутоа ние сме министерство со 50-60 вработени и мора јавноста да сфати дека навистина капацитетот е лимитиран, меѓутоа верувам дека до крајот на следната година ќе имаме нацрт-верзија, па да видиме понатаму.

Македонски






