
Американската Национална кошаркарска асоцијација (НБА) подготвува план за европско натпреварување во кошарка под нејзино покровителство, кое би било организирано по моделот што се применува на северноамериканскиот континент.
Според НБА и поддржувачите на планот, ваквото натпреварување ќе претставува суштинска инвестиција во овој популарен спорт во Европа, кој во сегашниот модел „не остварува голем профит“. Противниците на идејата, пак, сметаат дека влезот на НБА на европскиот континент би ги задушил националните кошаркарски лиги и би ги пренасочил парите кон американските компании.
Европскиот модел се базира на принципот на испаѓање и напредување од лиги од различни нивоа и на плаќања преку пирамидална структура. Од друга страна, американскиот модел се потпира на франшизите кои одржуваат трајни места во затворени лиги, генерирајќи значителни приходи за сопствениците на тимовите и создавајќи високо платени суперѕвезди кои можат да се споредуваат само со врвните играчи на европските фудбалски клубови.
Како што наведува бриселскиот портал „Политико“, претставници на НБА за ваквиот предлог веќе разговарале со сопственици и функционери на најголемите кошаркарски клубови во Европа, што предизвикало вознемиреност кај останатиот дел од европскиот спортски естаблишмент.
Висок европски владин претставник, противник на идејата за „НБА-Европа“, за порталот изјавил дека од натпреварувања во затворени лиги користат имаат само комерцијално успешните клубови, а се нанесува значителна штета на спортот на национално ниво.
Според Договорот за функционирање на ЕУ, спортот е во надлежност на националните влади на земјите членки на Унијата, но блокот има ингеренции врз начинот на функционирање на спортскиот пазар и заштита на неговите вредности.
Еврокомесарот задолжен за спорт Глен Микалеф за „Политико“ изјавил дека мора да се почитуваат законодавството и вредностите на ЕУ, како што се солидарноста, отвореноста и праведноста.
– Актуелната дебата сугерира дека сегашната рамнотежа треба да се рекалибрира, ставајќи поголем акцент на тие вредности и на заштитата на интегритетот на европскиот спорт и неговиот пирамидален модел, оценил Микалеф.
Инаку, ова не е прв случај на обид за пренесување на американскиот спортски модел во Европа. Таков обид имаше во 2021 година со предлогот за формирање европска полузатворена фудбалска Суперлига, но идејата наиде на силен отпор и пропадна уште пред и да почне сериозно да се разгледува

Македонски






