
Дефанзивецот на Манчестер Јунајтед, Хари Мегваер, ја опиша како лудило синоќешната победа од 5-4 над Олимпик Лион во реваншот од четвртфиналето во Лига Европа.
„Ако го побарате зборот „луд“ во речникот, веројатно најдобро одговара за овој натпревар. Беше луда игра и неверојатно е што дојдовме до резултатот што ни овозможи пласман понатаму“, рече Мегваер, кој го постигна победоносниот гол за Манчестер Јунајтед во последните моменти од натпреварот.
Откако првиот натпревар во Лион заврши нерешено 2-2, Јунајтед на реваншот на „Олд Трафорд“ водеше со 2-0 по првите 45 минути со головите на Угарте (11) и Далот (45+1). Сепак, Лион израмни на 2-2 преку Толисо (71) и Таљафико (78) и избори продолженија.
Францускиот тим дополнителните половина час ги почна со играч помалку поради исклучувањето на Толисо во 89. минута. И со играч помалку Лион поведе и дојде до навидум недостижни 4-2 со головите на Черки (104) и Лаказет (109-пенал). Кога се чинеше дека Лион ќе продолжи во полуфиналето, Јунајтед од 114. до првата минута од судиското продолжение, постигна три голови за нов голем пресврт во натпреварот. Бруно Фернандеш (114) реализираше пенал, а Маино (120) и Мегваер (120+1) погодија во самиот финиш на дуелот.
Во второто полуфинале ќе играат Тотенхем и Бодо/ Глимт.
Полуфиналните натпревари се на програмата на 1 и 8 мај.