Skip to main content

Родителите на фудбалерите на Шкупи ги тепале штипските деца за да ги одбранат своите

 Фудбалскиот клуб Брегалница најостро го осуди инцидентот што се случи на вчерашниот натпревар од младинската Супер лига во Штип во кој родител на гостинскиот тим Шкупи физички нападна двајца фудбалери на домашниот клуб.

„Спортот треба и мора да биде колевка на почит, култура и демонстрација на здрави навики. Не смееме да дозволиме ваква слика да се повтори на кој било фудбалски и спортски терен. Тоа треба да биде место за натпреварување и покажување на манири кои се учат од најмала возраст“, соопшти Брегалница.

Инцидентот се случи денеска на игралиштето „Бело Брдо“ во Штип, кога за време на одигрување на фудбалски натпревар меѓу младинските екипи на ФК „Брегалница“ од Штип и ФК „Шкупи“ од Скопје, А.А.(43) од Скопје, родител на фудбалер од ФК „Шкупи“, физички нападнал двајца малолетници од Штип, фудбалери на ФК „Брегалница“, и им нанел повреди.

Веднаш по нападот, како што претходно соопшти МВР; полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода А.А., а малолетниците биле пренесени во Клиничка болница Штип за укажување помош.

„На повредените деца им посакуваме брзо закрепнување и апелираме до институциите професионално да ја испитаат денешната случка и соодветно со највисоки казни да ги санкционираат виновниците“, се вели во соопштението на ФК Брегалница.

Шкупи пак излезе со соопштение велејќи дека го осудува инцидентот но додадваат дека родители на фудбалерите на Шкупи само ги бранеле своите деца.

 Апелираме до сите надлежни органи да преземат неопходни дејства врз основа на материјали и факти, со што сите лица вклучени во овој инцидент да се соочат со законот и да одговараат, додаваат од чаирскиот клуб.

Поврзани вести