
Не сакајќи премногу да го коментира судењето на осминафиналниот дуел на Светското првенство против Парагвај (1-0), селекторот на Франција, Дидие Дешан, изрази жалење за навредите разменети за време на натпреварот кој беше тензичен, а на крајот можеше да заврши и со физичка пресметка меѓу играчите на теренот на стадионот во Филаделфија.
„Нема да го критикувам судијата, но натпреварот го завршивме со три жолти картони, иако видов секакви работи што се случуваа на теренот. Нема да го критикувам ниту Парагвај, секој тим игра најдобро што може, но навредите беа непотребни. Најважно е што на крајот немаше инциденти. Но, тоа сега е зад нас бидејќи успеавме да се пласираме понатаму“, рече Дешан на официјалната прес-конференција по натпреварот.
Франција речиси две третини од натпреварот безуспешно се обидуваше да ја пробие одбраната на Парагвај и нивната тактика со постојани прекршоци да го успори темпото на игра, а победоносниот гол дојде во 70. минута кога Мбапе беше прецизен од белата точка.
„Беше тежок и агресивен натпревар со многу прекини, но играчите беа подготвени за тоа. Мило ми е што ја задржаа својата смиреност; тоа ќе биде вредно искуство за нив. Знаевме дека ќе биде специфичен натпревар. Сигурен сум дека тоа ќе ни користи. Ја задржавме смиреноста, што беше клучно. Ова беше натпревар во кој мораше да играме бескомпромисно и да се „справиме“ со противникот“, додаде францускиот селектор.
Франција во четвртфиналето ќе се соочи со Мароко на 9 јули

Македонски



