На Тотенхем можеби не му оди најдобро во последно време, но Дејан Кулушевски не сопира со добри игри.
„Опта“, британска компанија за спортска аналитика, објави дека меѓу сите играчи кои одиграле минимум 1.000 минути во Премиер лигата во 2024 година, Дејан Кулушевски поминува најголемо растојание во просек за 90 минути – точно 12,4 километри.
Кулушевски е шведски фудбалер со македонско потекло. Има 24 години и договор со Тотенхем до јуни 2028. Во клубот од северен Лондон дојде пред точно три години, во јануари 2022 година од Јувентус.
Претходно кратко настапуваше за Аталанта и на позајмица во Парма.
Родителите на Дејан се од Охрид, додека тој е роден во Стокхолм. На почетокот на кариерата настапуваше за јуниорските селекции на Македонија, но подоцна го смени дресот и денес е репрезентативец на Шведска. За оваа земја одигра 45 натпревари и постигна пет гола.
Официјално беше најдобар фудбалер во Шведска за 2022 и 2023 година.