
Македонската фудбалска репрезентација втор ден во Скопје се подготвува за првиот плејоф натпревар против Данска за пласман на Светското првенство. Нашиот репрезентативец, Александар Трајковски потенцира дека тимот мора максимално сериозно да пристапи на дуелот.
Трајковски, кој пред четири години во Палермо го постигна историскиот гол против Италија за пласман во финалето за СП 2022, верува дека новата енергија во тимот може да донесе позитивен резултат.
– Со нов селектор доаѓа нова енергија и нова визија. Мислам дека добро ќе се подготвиме за овој натпревар. Вчера првпат се приклучив и навистина видов одлична атмосфера и квалитетен тренинг. Ако продолжиме вака, ќе бидеме максимално подготвени, изјави Трајковски.
Тој нагласи дека фокусот и концентрацијата ќе бидат клучни против силниот противник.
– Данска можеби е фаворит на хартија, но ние сме покажале дека можеме да играме против секого. Верувам во оваа екипа. Изјавите од нивна страна може само дополнително да нè мотивираат, вели Трајковски.
Не крие дека овој натпревар има посебно значење за него.
– Искрено, ова е еден од најважните натпревари во мојата кариера на репрезентативен план. Нема поубаво чувство од победа во вакви моменти и можност да се бориш за пласман на Светско првенство. Се надевам дека ќе успееме да го повториме успехот од Палермо.
Натпреварот е закажан за 26 март во Копенхаген со почеток во 20:45 часот.
MИА

Македонски


