
– На само 15 дена пред почетокот на второто издание на СФЕСТ, со големо задоволство можеме да кажеме дека Фестивалот продолжува да расте и да се развива во културен настан кој сигурно го зазема своето место на мапата на летните фестивали во Македонија, рече Елена Запрова од Организацискиот тим на Фестивалот.
– Од 24 до 26 јули Градскиот парк Струмица ќе биде местото каде што ќе се сретнат музиката, креативноста и добрата атмосфера. Секој ден програмата започнува во 18 часот, а Струмица ќе биде домаќин на посетители од целата држава. Минатата година фестивалот го посетија околу две илјади луѓе. Тоа беше јасен доказ дека Струмица има публика која сака вакви настани. Требаше само да ѝ понудиме простор и квалитетна содржина. Оваа година правиме значителен исчекор – три фестивалски сцени, повеќе од 30 изведувачи и три дена исполнети со музика, уметност и содржини за сите генерации, додаде Запрова.
Според Димитар Чоревски второто издание на „СФЕСТ“ носи досега најбогата и најразновидна фестивалска програма.
-Фестивалот ќе се одвива на три различни сцени, со внимателно креирана програма за различни музички вкусови и генерации, а во рамките на фестивалот ќе биде поставена „Базар зона“ со 40 локални креативци, како и посебна „Фуд-зона“, во која посетителите ќе можат да уживаат во понудата на локални производители и специјалитетите на „Yoyo’s“. Во соработка со ФОН Универзитет,( American University of Europe – FON – Skopje) ќе биде организирана и изложба на дела од студенти и млади уметници, со што дополнително ја збогатуваме културната димензија на фестивалот, рече Чоревски.
Во рамките на фестивалот ќе има поставени зони за селекција на отпад, обезбедени во соработка со ЈПКД „Комуналец“-Струмица, како и зона за рециклирање поставена заедно со Црвен крст – Струмица.

Македонски



