
На Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје вечерва предавање на тема „Музиката како последна хармонија“ одржа проф. д-р Мимоза Рајл.
Продеканот за настава и наука на Факултетот за музичка уметност – Скопје проф. д-р Соња Здравкова Џепароски изјави дека ова предавање е во рамки на циклусот „Отворени предавања“, што се реализира веќе четири години на ФМУ-Скопје.
– Замислен е како тематски организирани предавања кои ги дополнуваат и ги прошируваат знаењата и афинитетите на студентите. Предавањето на проф. д-р Мимоза Рајл беше едно од овие тематски предавања, кое беше поврзано со естетиката на музиката, област која е исклучително интересна и за студентите. Овие предавања се од отворен карактер и сите оние кои сакаат можат да присуствуваат. Ние тековно ги објавуваме сите нови предавања кои следат во семестарот, појасни Здравкова Џепароски.
Професорката Рајл порача дека мора да сфатиме дека музиката е всушност последна хармонија и да бидеме проводник на онаа, како што рече, најсовршена музика која се наоѓа во астралните сфери за кои зборувавме денес, а тоа е Питагора.
– Добар проводник сме ако единствено немаме отпор. Ако прашате некој електроинженер, тој ќе ви каже дека металите кои имаат минимален отпор се добри проводници, во случајов, на најкреативните музички ноти. Што е всушност отпорот? Тоа е дисхармонијата, стравот, сомневањето во себе кое го имаат младите, недовербата, нељубовта кон себе и затоа треба да направиме една вертикала. Да ги спуштиме тие совршени ноти кои веќе постојат на повисока фреквенција, да дејствуваме по императивте на нашето срце и да се хармонизираме, изјави проф. д-р Рајл.

Таа запраша што гледаме ние во музиката денес? Гледаме, како што рече, музика од каде е извадена хармонијата. Како пример го наведе Аца Лукас и неговата музика.
– Музиката во чија основа и е извадена хармонијата, тоа е смртта на музиката. Овие деца, овие талентирани луѓе кои се светители на таа музика, кои го носат светлото за да ја пренесуваат понатаму музиката, немаат лесна задача. Нивната задача не е само тие да бидат проводници и нивниот талент, тоа беше целата порака, не им е даден за нив, туку да го пренесуваат, да го осветлуваат, да живееме сите во една љубовна коегзистенција затоа што музиката, хармонијата не води до блаженството, до една апсолутна љубов. И само таков живот во хармонија е вреден за живеење, порача Рајл.

Проф. д-р Мимоза Рајл е професор по естетика на театар, филм и музика и директор на Институтот за сценски уметности на „Интернационалниот универзитет Еуропа Прима“ во Скопје. Рајл е и есеист, колумнист, театарски критичар и поет. Во моментов е надворешен советник за култура на премиерот Христијан Мицкоски.
Мимоза Рајл во јуни 2021 година во издание на Универзитетот „Еуропа Прима“ во Скопје ја издаде и ја промовираше својата книга и научен труд од областа на естетиката „Светлината на убавината и уметноста“. Автор е и на книгата „Соништата на писателот“ објавена 2022 година.

Вечерашното предавање на проф. д-р Рајл беше петто, а меѓу присутните беа деканот на ФМУ – Скопје Дарија Андовска, проф. д-р Виолета Ачкоска, пофесори, студенти…
Досега на ФМУ се одржале предавања на различни теми, како медиуми, психологија, справување со трема..

Македонски







