
Струмица влезе во современиот атлас на џезот. Градот неколку дена дишеше во ритамот на музиката, а премиерното издание на „JAZZ STReam Festival“ изгравира нова урбана приказна во културната меморија на градот. Од 4 до 7 јуни, Струмица се претвори во отворена сцена на џезот. Музиката се прелеваше од концертните сали кон улиците, од сцените во Центарот на култура „Антон Панов“ кон баровите и неформалните простори, создавајќи жив организам од звуци и зборови.
Фестивалот беше свечено отворен во Големата сала на Центарот за култура „Антон Панов“. Настанот започна со обраќање на уметничкиот селектор на фестивалот, Никола Маџиров, по што во преполната сала пред повеќе од 500 присутни настапи Националниот џез оркестар на Македонија под диригентство на маестро Џијан Емин. Овој настап претставуваше прво гостување на оркестарот во Струмица и иницијациско продолжување на џез традицијата во градот. Во текот на фестивалските денови, Камерната сцена на Центарот за култура „Антон Панов“ беше централна точка на програмата, каде настапија некои од најзначајните имиња на македонската џез сцена. Публиката имаше можност да ги слушне „Гоце Стевковски Квинтет“, „Тони Китановски Трио“, квартетот „Алиќ, Ѓошиќ, Ангелов & Јаневски“, проектот „Transverse“ со гостување на чикашкиот трубач Chad McCullough, како и „Летечки Пекинезери“ и „Hot Jazz Orchestra + Пијан Славеј“.
Особена вредност на фестивалот беше неговата децентрализирана концепција и распространетост низ целиот град. Покрај концертните сали, настаните се одвиваа и во повеќе локали, барови и културни простори, со што џезот стана дел од секојдневниот урбан ритам на Струмица. Џем-сесиите и вечерните дружења создадоа автентична фестивалска атмосфера и овозможија поврзување на различни генерации љубители на џез музиката. Во барот „Пијана вишна“, Костадин Шурбановски-Шурбе го претстави концептот на радиото Jazz FM 100.8, додека во „Крафт бар Вторник“ одржа и DJ-сет. вВи истиот бар беше претставена и книгата „Press & Play“ на гостинот и музички критичар, Ненад Георгиевски. Во „Рекорд паб“ се одржа впечатлива џем-сесија, како и промоција на џез албумот „Day After“ на Горан Алиќ и Александар Таушанов.
Фестивалот беше поддржан од Градоначалникот на Општина Струмица и Центарот за култура „Антон Панов“. За извршната реализација се погрижи Томе Марангозов, додека за визуелниот идентитет и дизајнот беше задолжен Марјан Sингаров.
Со успешно реализираното прво издание, JAZZ STReam Festival покажа дека Струмица има публика, културна традиција и потенцијал за големи музички настани. Четири дена градот живееше во ритамот на џезот, а впечатокот е дека фестивалот отвори ново културно поглавје со долгорочна перспектива. Струмица за миг живееше како мал џез-метрополис. Градот не само што слушаше музика — туку пулсираше со џезот како гласен одговор на наметнатата инстант-култура. Уште со првото издание, JAZZ STReam Festival ја отвори можноста за силна традиција што грижливо ќе ги чува сеќавањата на врвните џез композитори и изведувачи. Потпирајќи се на локалната џез историја која започнува уште во 1967 година со формирањето на првиот диксиленд оркестар во Струмица и во Македонија, фестивалот ја поврза меморијата со сегашниот момент и ја насочи кон нови и свежи џез очекувања. JAZZ STReam Festival има амбиција да прерасне во традиционален културен настан и да ја зацврсти позицијата на Струмица на мапата на современите европски џез случувања.

Македонски



