На 78-годишна возраст, синоќа, на 26 јануари почина Костадин Коце Икономов, гитарист на култните македонски групи „Безимени“ и Бис Без“ и долгогодишен член на Ревискиот оркестар на МРТ.
Коце Икономов важи за еден од основоположниците на македонската рок сцена. Како гитарист и клавијатурист членува во „Безимени“ од чија фузија со „Бисери“ ќе настане легендарната група „Бис Без“.
„Бис Без“ е рок група создадена во 1964 г. во Скопје, под силно влијание на легендарните Битлси. Од групата Бисери, во бендот, дошле Станислав Длака (гитара) и Ламбе Смилевски (бас гитара), а од групата Безимени: Константин Икономов – Коце (на гитара и клавијатури), Димитар Чемков – Циме (гитара), Димитар Попанков (тапани) и вокал Стевче Јаневски – Чивчи. Ова е првата постава на групата, а подоцна, во бендот членувале и други музичари.
Создале грст хитови од кои најзапаметена е секако легендарната композиција „Дал да плачам ил да пејам?“ која ќе остане евергрин, како рок класик за вечен спомен на едно време.
Икономов беше дел од Ревискиот оркестар на МРТ уште од неговото формирање, и ќе работи се до пензионирањето, свирејќи на бас гитара.