
НУ Камерен оркестар на Битола свечено ја отвора концертната сезона за 2026 година со концертот „Вечер на романтични балади“, кој ќе се одржи на 24 февруари 2026 година во Офицерски дом Битола.
Под диригентската палка на Владимир Димовски, оркестарот ќе ѝ понуди на публиката внимателно одбрана програма посветена на романтичниот израз во музиката, со дела од: Антонин Дворжак, Јозеф Сук и Петар Илич Чајковски.
Влезот е слободен. Концертот е замислен како емотивно музичко доживување и достојно отворање на новата сезона.
И покрај тоа што оваа година Министерството за култура одобри само 6 проекти, НУ Камерен Оркестар на Битола, како и минатата година, ќе се стреми кон реализација на повеќе од 10 концертни и музички проекти во текот на сезоната. За потсетување, во 2025 година оркестарот реализираше 12 проекти, како и повеќе од 5 гостувања низ Македонија, потврдувајќи ја својата активна улога на националната музичка сцена.
Веднаш по отворањето на сезоната, НУ Камерен Оркестар на Битола ќе бидат дел и од концертот „Засекогаш во срцата“, кој по осми пат ќе се одржи во Битола. Овој концерт, посветен на делото и споменот на Тоше Проески, и оваа година ќе се реализира благодарение на ентузијазмот и посветеноста на организаторите, иако за првпат Министерството за култура не одобри финансиска поддршка за истиот.
Со ваквиот почеток на сезоната, НУ Камерен оркестар на Битола уште еднаш ја потврдува својата мисија континуирано да создава квалитетна музичка програма и да ѝ понуди на публиката значајни културни настани, без разлика на институционалните предизвици.

Македонски



