
Со особена чест го најавуваме гостувањето на Националниот џез оркестар на еден од најзначајните културни настани во регионот – фестивалот „Сплитско лето“. Концертот ќе се одржи на 30 јули, на величествениот Перистил во Сплит, во организација на Хрватскиот народен театар.
Овој концерт ја отвора новата сезона на интернационални гостувања за Националниот џез оркестар, со кои оркестарот ја зацврстува својата позиција на меѓународната музичка сцена преку иновативен пристап и силна уметничка визија.
Публиката во Сплит ќе има ретка можност да ужива во уникатна програма што го поврзува современиот џез со традиционалното португалско фадо – во изведба на Националниот џез оркестар и извонредната вокалистка Мариа Мендеш, под диригентство на маестро Владимир Николов.
Соработката на Националниот џез оркестар со Мариа Мендеш започна со незаборавниот концерт во Скопје, во март оваа година. Вечер што нежно допре до публиката, благодарејќи на внимателната и чувствителна изведба која создаде посебна атмосфера.
Настапот на „Сплитско лето“ носи повеќе од музика – тој е израз на културна размена, меѓународна поврзаност и внимателно претставување на македонската уметничка сцена пред европската публика.