Skip to main content

Ќе има музички фестивал крај Дојранското Езеро: „Дојран Д-фест“ ќе се одржи од 25 до 27 јули

MIA
MIA

Продолжува традицијата на одржување на познатиот фестивал „Д-фест“ во Дојран, но сега со ново име „Дојран Д-фест“. Годинашново 17. издание ќе се одржи на 25, 26 и 27 јули во ист формат и стил како и досега.

Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов на прес-конференција информира дека од самите почетоци фестивалот бил препознат како средиште на прогресивна и автентична музика, но и како место за одмор, релаксација, дружење и уживање во содржините на кампот и убавините на Дојранското Езеро.

И оваа година фестивалот ќе биде успешно организиран, со огромен број на посетители, со настап на над сто изведувачи, со организација на камп и активности внатре во кампот. Можам да кажам дека „Дојран Д-фест“ е во својот дом и продолжуваа оваа традиција, бидејќи фестивалот е препознатлив за Дојран и е синоним за нас. Како општина правиме се да опстои овој фестивал, рече Ангов.

Миле Велков од „Визуал продакшн“ издвои дел од познатите изведувачи на годинашниот фестивал.

Ги издвојуваме ДЈ Методи Христов, ДЈ Никифор, ДЈ Мосел, Ареа и Сенида, но и многу други познати имиња чии настапи ги договараме. Ќе имаме 5 сцени, кои ќе ги подигне една реномирана компанија, а на нив ќе се обидеме да ги опфатиме сите музички правци. Наредните денови треба да биде дефинирана комплетната програма и истата ќе биде објавена. Во предпродажба се билетите за Фестивалот, кои чинат 1.600 денари за три денови со камп и 600 денари за еден ден, изјави Велков.

Никола Писарев од Центарот за современи уметности од Скопје ја презентираше уметничката програма.

Посетителите на кампот, покрај забавниот дел, односно во паузите, ќе имаат културно-уметничка програма, но и едукативна. Интересно е што содржините се подготвени од млади автори, кои изминативе години биле дел од публиката на Фестивалот и сега ќе продуцираат одредени културни програми. Самиот концепт е направен да има три главни слота, кои ќе се случуваат секој ден, мал дел во утринските часови, а поголем во попладневните. Станува збор за стриктно едукативна програма, преку која посететителите ќе може да стекнат нови знаења од најразлични области, Рече Писарев.

Општина Дојран и „Визуал продакшн“ потпишаа Договор за организирање на овој фестивал во наредните пет години и Советот на Општината донесе одлука во последен момент да не може да се дислоцира фестивалот како што се случи годинава.