Skip to main content

Гудачки квартет Пламенка Трајковска на Есенски музички свечености

Во рамки на 25. издание на „Есенски музички свечености“ на 05.11.2025г. (среда) ќе се одржи мултимедијален концерт „Јохан Штраус во филмот: Концерт и проекција на немиот филм Веселата војна“ во изведба на Гудачкиот квартет Пламенка Трајковска, со почеток во 20:00 часот во Салон 19 19 (Културен информативен центар).

Учествуваат: Пламенка Трајковска – виолина, Сандра Крстевска – виолина, Љубица Бошкоска – виола и Александра Јаневска – виолончело.

Гудачкиот квартет ќе направи уникатен спој на класична музика и нем филм во чест на „кралот на валцерот“.

Уникатниот, мултимедијален концерт, насловен како „Јохан Штраус во филмот: Концерт и проекција на немиот филм Веселата војна“ претставува редок спој со кој гудачкиот квартет ќе ја изведува музиката на Јохан Штраус во живо, додека на платното ќе се проектира нем филм на режисерот Роберт Вине. Филмот, инспириран од виенската култура, нуди визуелно и музичко патување низ духот на европската култура од крајот на 19 век.

Публиката ќе има можност да доживее едно несекојдневно уметничко искуство во кое валцерот, некогашниот белег на европската култура, повторно ќе заживее преку звук, слика и емоција.
Концертот е замислен како омаж на двојното наследство на Штраус – како симбол на музичката елеганција и како инспирација на кинематографијата. Поводот е одбележувањето на 200-годишнината од раѓањето на славниот виенски композитор и 30 години камерно музичко творештво на виолинистката Пламенка Трајковска.

Гудачкиот квартет Пламенка Трајковска е дел од Здружението Пламенка Трајковска – МКС, Скопје и претставува еден од водечките камерни ансамбли во земјата. Со својата музичка страст и креативност, тие ја спојуваат класичната традиција со современиот израз, фолклорот и кросоверот. Квартетот настапува на најзначајните културни сцени во Македонија и Европа, создавајќи концерти исполнети со енергија, емоција и уметничка прецизност.

Поврзани вести