Дуке Бојаџиев публиката во салата на Македонската филхармонија ја одведе во светот на филмската музика ,која како што рече, од овој концерт насловен „Кинематика“ натаму ќе биде негова целосна преокупација. Ова не беше само концерт, туку и мост меѓу филмската уметност и музиката, а Дуке уште еднаш не потсети на моќта на звукот да допре до најдлабоките делови од нашата душа. Кинематографијата и емоциите што ги носат филмските приказни, тој ги преточил во прекрасна музика за филмовите на Тамара Котевска, Митко Панов, Рајко Грлиќ, Столе Попов…а дел од нив присуствуваа на концертот и со воодушевување ги поздравија изведбите на Бојаџиев и Михајло Михајловски, прва виолина, Милена Тодороска Мургоски, втора виолина, Марија Димитријевиќ, виола, Енис Аљи, виолончело, Мартин Ѓаконовски, контрабас, Павел Ренџов, тапани, перкусии и Злата Тошевска Димовска, сопран и Марко Димовски, баритон.
Сите тие заедно ги поврзаа музиката, движењето на сликите и бескрајните емоции. А, пак, со секој од нив Дуке има посебна приказна која го врзува и ја сподели со публиката. Од Ѓаконовски ги наследил плочите со џез, Марија го научила да пее, Злата ја запознал на концертот во Куршумли-ан, Михајло пак сега го сретнал но веднаш им „кликнала“ енергијата…
Македонија е расадник на прекрасни музички таленти. Сум живеел на многу места во светот, но никаде како овде нема на толку мал простор толку музички таленти, рече Бојаџиев.
Ги истури емоциите на клавирот почнувајќи од музиката за филмот „Патување пеш“ на Тамара Котеска од каде беа изведени шест нумери.
Идејата беше на Тамара да напишам оперско парче музика Прво помислив дека е луда идеја, но ја прифатив. Во истиот ден ја напишав музиката, а тогаш живеев на Ибица и во недостаток на оперски пејач го снимив мојот глас, а најдов сопран. Веќе утредента им ја испратив како демо идеја и прифатена со воодушевување, раскажа Бојаџиев.
Следуваа нумери од филмовите „Устав на Република Хрватска“ и „На се ќе дојде крај“ од Рајко Грлиќ со кого, како што рече почнале да соработуваат пред 10 години. Грлиќ барал композитор за неговиот тогаш нов филм, „Устав на Република Хрватска“, а Бојаџиев му испратил некои музички идеи, кои се вклопиле во филмот и така почнала соработката.
Грлиќ го сретнав во Њуjорк на премиера на неговиот филм „Караула“, кој многу ми се допадна. Работењето со Рајко е големо задоволство бидејќи убаво комуницираме и соработката е вистинско уживање, се присети Бојаџиев.
Публиката имаше можност да ги чуе и нумерите од филмот „Војната заврши“ од Митко Панов, кому му се заблагодари на довербата што му ја дал да ја направи за прв пат музиката за целиот филм.
Темата „Дом“ е највпечатлива, и можеби и најизведувана, а како што рече, нејзиното создавање целосно се поклопило со настаните во неговиот живот во тоа време и токму тие му биле инспирација. И вечерва таа два пати беше изведена.
Кулминацијата на вечерта беа изведбите на музиката од филмот „До балчак“ на Столе Попов, од кои едната ја изведоа заедно со Марија Димитриевиќ, а главната тема „Танго До балчак“ ја отпеја самиот Дуке Бојаџиев и на публиката и приреди несекојдневно уживање во мелодијата која во стана безвременска.