Skip to main content

Мјузикл посветен на Freddie Mercury за првпат пред битолската публика

Битола наскоро ќе стане центар на едно уникатно музичко-сценско доживување. За првпат во градот на конзулите ќе биде изведен оригинален македонски мјузикл инспириран од животот и делото на легендарниот фронтмен на Queen – неповторливиот Freddie Mercury, уметникот чиј глас, харизма и бунтовнички дух оставија неизбришлива трага во светската музика.

Станува збор за биографска музичко-сценска приказна која го следи патот од соништата до легендата – приказна за славата, љубовта, личните борби и бесмртното музичко наследство што го создаде Меркјури заедно со својот бенд. Преку театар, музика и емоција, публиката ќе има можност да се потсети на магијата на песните што со децении ги обединуваат генерациите.

Мјузиклот е создаден по сценарио на Димитар Захариевски, а режијата ја потпишува Бојан Стојков, кој воедно ќе го толкува и ликот на самиот Freddie Mercury. Зад диригентската палка, продукцијата и оркестрациите стои Владимир Димовски, кој ја носи музиката на Queen во моќна оркестарска форма, давајќи ѝ нова сценска димензија.

Настапуваат:

Бојан Стојков – Freddie Mercury
Димитар Захариевски – Brian May
Никола Пројчевски – John Deacon
Никола Стефанов – Roger Taylor
Теона Крстеска – Mary Austin

Проектот е замислен како спој на исповед, концерт и театар, носејќи силна емоција и сценска енергија која ветува вистинско спектакуларно доживување за љубителите на рок-музиката.

Поради технички причини, изведбата е закажана за 30 март 2026 година, со почеток во 20:00 часот, во Центар за култура Битола. Билетите се веќе во продажба преку платформата YourNextEvent и во продажните места на Тобако Димпо.

Со овој амбициозен проект, Битола добива настан што не е само претстава, туку вистинско славење на музиката, уметноста и наследството на една од најголемите рок-икони на сите времиња.

Поврзани вести