
Во моментов се снимаат три долгометражни играни филмови, сите финансиски поддржани од државата, кои ветуваат нови квалитетни и возбудливи приказни на големото платно, информираат од Агенцијата за филм.
Овие три нови филмски проекти се потврда за постојаниот развој на македонската кинематографија, како и за разновидноста на креативниот пристап што се појавува на нашата филмска сцена. Агенцијата за филм останува посветена на поддршка на филмските автори и продуценти, преку унапредување на условите за креативна работа и соработка, како и преку промоција на македонскиот филм во меѓународен контекст, велат од Агенцијата за филм.
Во тек е снимањето на првиот долгометражен игран филм на Тамара Котевска, реномирана македонска режисерка со две номинации за Оскар и добитничка на награди од фестивалот Санденс. Филмот со наслов „Човек против јато“ се одвива во рурална Македонија, каде изградбата на нов автопат го разурнува мирот на едно мало село и ја соочува традицијата со модернизацијата.
Во главните улоги настапуваат Кирил Андоновски, Верица Недеска, Лола Трендафиловиќ, Горан Богдан, како и актери од Македонија, Хрватска, Германија, Холандија и Бугарија.

Филмот се реализира во продукција на Видео Студио Петковски, во соработка со партнери од Хрватска, Грција, Турција, Србија и Црна Гора, и е финансиски поддржан од Министерството за култура на РСМ, Еуроимаж и филмските центри на соработничките земји.
Се снима дебитантскиот долгометражен филм со работен наслов „Потстанар“, во режија на Марко Ѓоковиќ, во продукција на Сектор Филм. Сценариото е дело на Ѓоковиќ и Симеон Венциславов, а инспирација за филмот е црпена од драмскиот текст „Владимир“ на словенечкиот автор Матјаж Жупанчиќ. Филмот ја истражува тенката линија меѓу личната слобода и манипулацијата, прикажувајќи ја интеракцијата меѓу тројца цимери и еден мистериозен новодојденец, чија вистинска природа полека се разоткрива.

Главните улоги ги играат младите македонски актери Ана Јовановска, Илија Волчевски, Хакан Даци и актерот од БиХ Албан Укај. Филмот се реализира во копродукциска соработка со партнери од Србија и Црна Гора, со поддршка од филмските центри на Македонија, Србија и Црна Гора.
Започна снимањето на долгометражниот играниот филм „Договор“, во продукција на Arnel Production, во режија на Сенад Абдули. Фотографијата ја потпишува Филип Јорданов, а во главните улоги се појавуваат Шеќерије Илази, Елмир Сејфулаи и Лек Фазлија. Филмот претставува современа драма што го истражува човечкото достоинство и комплексноста на донесување одлуки во социјално предизвикувачки услови.

фото: Агенција за филм