Skip to main content

Промоција на книгата „Милчо за Манчевски“ и проекција на „Прашина“ во Кинотека

Во среда на 22 јануари во 19:00 часот во Кинотеката на Македонија ќе се одржи промоција на книгата „Милчо за Манчевски“, чиј приредувач е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски.

„Книгата претставува обид да се опфатат многубројните аспекти од животот и работата на Милчо Манчевски, еден од нашите најнаградувани и во светски рамки најреномирани македонски филмски автори – почнувајќи од деновите на неговата младост поминати во родното Скопје па до денес – раниот интерес за театарот и филмот, студиите на филмска академија во САД, почетоците на филмската кариера, педагошката дејност во Њујорк, односот кон политиката и политичарите итн. – и сето тоа надополнето со исцрпна анализа на начинот на продукција, условите за работа, реализацијата, соработниците, режисерската експликација и филмолошката анализа, дистрибуцијата, фестивалите, успехот или неуспехот на седумте негови долгометражни играни филмови и сите останати кусометражни филмови, како и други пројави на неговата творечка личност“, пишува во предговорот Чупоски.

Промотори на изданието се проф. д-р Славица Србиновска, м-р Татјана Ќурчинска-Пепељугоска и филмскиот критичар Златко Ѓелески.

По промоцијата, во 20:00 часот ќе се одржи проекција на филмот „Прашина“, кој во 2001 година имаше чест да го отвори фестивалот во Венеција.

Поврзани вести