Skip to main content

Овации и громогласен аплауз за „17“ на Косара Митиќ на македонската премиера на Скопје филм фестивал

Со овации и громогласен аплауз синоќа во Македонскиот народен театар (МНТ) беше поздравена екипата на филмот „17“ во режија на Косара Митиќ чија македонска премиера се случи на вториот ден од Скопје филм фестивал (СФФ) кој е во тек и ќе трае до 9 ноември.

Многу ми е драго што „17“ е конечно дома. Овој филм им припаѓа на оние кои што го создадоа, на моите глумци, на мојата екипа, бескрајно им благодарам за тоа што целосно се вложија. Им благодарам на сите оние кои што веруваа во „17“ уште од самиот почеток. Се надевам дека ќе уживате, кажа режисерката Митиќ пред почетокот на проекцијата.

„17“ е дебитантски филм на Митиќ и македонски кандидат за наградата „Оскар“ во категоријата за Најдобар меѓународен игран филм.

Митиќ со својот прв филм донесува свеж, автентичен и храбар авторски глас во домашната кинематографија. Филмот „17“ претставува суптилен и емотивно суров увид во созревањето, личните борби и предизвиците на новата генерација, отворајќи прашања за идентитетот, слободата и себепронаоѓањето.

Од денеска, 6 ноември, филмот е на редовниот репертоар на „Синаплекс“ во Скопје.

Светската премиера на „17“ беше на Берлинскиот филмски фестивал годинава во февруари во програмата „Перспективи“ на Берлинале, програма која ги претставува и оценува најдобрите долгометражни дебитантски филмови од целиот свет.

Во „17“ играат Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев и Оливер Митковски.

Филмот „17“ е продуциран од „Црна мачка продукција“, со финансиска поддршка на македонската Агенција за филм, во копродукција со „Арт & Попкорн“ (Србија) и „Децембер“ (Словенија). Проектот е поддржан и од Филмскиот центар на Србија, Словенечкиот филмски центар, SEE Cinema Network, како и преку програмата CineLink – Work in Progress на 31. Сараевски филмски фестивал.

Филмот досега освои вкупно 11 меѓународни награди по неговата светска премиера во програмата „Перспективи“ на 76. Берлински филмски фестивал, а главната акетрка Ева Костиќ ја доби наградата „Срце на Сараево“ за најдобра актерка на 32. Сараевски филмски фестивал.

Поврзани вести