Skip to main content

Мицевски: До крајот на годинава ќе се снимаат уште два долгометражни филма, Агенцијата ќе објави и конкурс за серии

Покрај снимањето на филмот „Збогум, Копакабано“ (работен наслов „Биста“) на Милчо Манчевски, до крајот на годината ќе се снимаат уште два, а можеби и три долгометражни филма – „Тајната на голиот рид“ на Игор Алексов и „Мравките го спасуваат светот“ на Марјан Гавриловски.

Три филма, на режисерите Теона Стругар Митевска, Тамара Котевска и Георги М. Унковски, се завршени и ќе имаат фестивалски претставувања, соопшти директорот на Агенцијата за филм Сашко Мицевски на  средбата со новинарите организирана од Министерството за култура и туризам. 

Поставен е оваа година за директор на Агенцијата за филм која само во претходната година, рече, имала четири директори, на некои им истекол мандатот, некои сами си дале оставка. 

Со многу работа и со многу млада енергија, се „пеглаат“ работите, но има уште многу работа. Јас сум од редот на филмските работници и како член пет години во Филмскиот совет доволно добро бев запознат каде се заплеткани работите во Агенцијата и да можам да ги разберам и внатре проблемите и на филмските работници, истакна Мицевски.

Како што рече, имале многу забелешки од ДЗР и, генерално, од јавноста за начинот на кој се финансираат филмовите и како се одвива процесот на бодување на проектите. 

Во крајна фаза сме на објавување резултати од првиот рок на конкурсот. Се надевам дека ќе биде во најбрз можен рок. Наоѓам начин како јавноста да биде информирана согласно законската рамка за бодовни листи, за тоа кои се рецензенти и кои се условите некој да биде рецензент, како се доделуваат средства  и слично. Сакам да им помогнам и на младите филмски работници и да направам отворен ден во Агенцијата за филм и да може да добијат поддршка и информации, истакна Мицевски.

Се работи, рече, и на конципирање на конкурс за серии кој би бил отворен во јануари, посочувајќи дека веќе десет години немало ваков конкурс во Агенцијата. Работат, рече, и на јасно дефинирање што е филм од национален интерес бидејќи, како што рече, „има многу дела кои мислам дека не треба да припаѓаат во таа категорија и треба да се јават за финансирање во МРТ или во други сродни институции“.

Мицевски нагласи и  дека проблем е што човечките ресурси им се на половина капацитет – Агенцијата има седум вработени, со хонорарците се вкупно 21, а согласно со систематизацијата се предвидени 42 работни места.

Поврзани вести