
Македонскиот игран филм „17“, долгометражното деби на режисерката Косара Митиќ ја доживеа својата Светска премиера во рамките на 76. издание на еден од најпрестижните филмски фестивали во светот – Меѓународниот Филмски Фестивал во Берлин.

Проекцијата се одржа синоќа во Берлин, во Киното “Блумакс“ (Bluemax Theater) .Успехот со учеството во официјалната компетитивна програма „Перспективи“, е надополнет со фактот дека „17“ е првиот дебитантски македонски игран филм кој во изминатите 26 години се натпреварува за награда во официјална компетиција на еден од големата тројка светски филмски фестивали: Берлин, Кан, Венеција.


Филмот „17“ ќе се натпреварува за наградата Најдобар дебитантски филм (GWFF Best First Feature Award), која е етаблирана во 2006 година и со која Берлинале дава уште посилнаподдршка на новата генерација филмски автори.Годинава, членови на тричленото жири кое ги оценува филмовите во оваа селекција се:Софија Алауи (Sofia Alaoui) – сценаристка и режисерка од Мароко, Фредерик Хамбалек (Frédéric Hambalek) – режисер и сценарист од Германија и Дорота Лех (Dorota Lech)-директорка на Меѓународниот филмски фестивал „Нови хоризонти“. Тие, со нивното искуство и досегашен придонес во светската кинематографија треба да го стават на пиедестал најдобриот талент од конкуренцијата.





Во Берлин, пред големото платно на премиерата, филмот го претставија:режисерката Косара Митиќ, актерките Ева Костиќ и Мартина Даниловска и продуцентот Томи Салковски, а присуствуваа и ко-сценаристот Огњен Свиличиќ, копродуцентите Мирослав Могоровиќ, Владо Булајиќ и Лија Пограчник, монтажерот Владимир Павловски, продажната агентка Беренис Вeнсан, дел од актерите Жаклина Стефковска Дрнасин, Ана Стојановска, Ева Стојчевска, Даме Јовески, Ирена Димеска, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Алина Христовска, како и членовите од екипата Дејан Крајчевски, Тина Величковиќ и Димитар Атанасоски.

Голема поддршка за филмската екипа е и присуството на Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков и на Директорот на Агенцијата за филм на РСМ, Сашко Мицевски.


Филмот „17“ е македонско-српско-словенечка копродукција, финансиски поддржана одАгенцијата за филм на Македонија, Филмскиот центар на Србија, Словенечки филмски Центар и СЕЕ Синема Нетворк (SEE Cinema Network). Продуцент на филмот е „Црна Мачка Продукција“, во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, а меѓународната продажба на филмот ја работи „Tотем Филмс“ од Франција.


Македонски



