
Германско-словачкиот филм за деца „Летни бунтовници“ од денеска се прикажува во Кинотека во Скопје и во киното „Манаки“ во Битола во терминот од 18 часот. Станува збор за семејна комедија синхронизирана на македонски јазик која ќе ве одведе на незаборавно патување полнo со смеење, авантури и малечки бунтовнички моменти. Од сабота во 18 часот филмот ќе се прикажува и во Центар за култура Битола, а ќе биде на репортоарот и на киното „Милениум“ во Скопје до 12 март.
Во филмот, во режија на Мартина Сакова, главен лик е 11-годишниот Јонас, кој сонува за лето полно со авантури кај својот супер забавен дедо покрај реката, но неговата мајка има сосема поинакви планови. Не дозволувајќи ништо да го спречи, Јонас тргнува во своја бунтовна мисија, исполнета со пријателства, непредвидени катастрофи и, на крајот, вистинско искупување.
Во главните улоги се појавуваат талентираните актери Елијаш Вискочил, Павел Нови и Лијана Павликова.
Истовремено, во кината се прикажува и норвешката семејна комедија „Викторија мора да замине“ на режисерката Гунбјерг Гунарсдотир и тоа, во киното „Милениум“ во Скопје, Кинотека и киното „Манаки“, во терминот од 18 часот.
Станува збор за авантура на младите и богати брат и сестра, Хедвиг и Хенрик, кои се одлучуваат да ангажираат платен убиец за да се ослободат од нивната маќеа. За решавање на нивниот проблем, тие му се обратуваат на Карл, имигрант од Босна. Карл првично ги одбива нивните барања, бидејќи е човек кој почитува законите, но кога тој и неговото семејство ќе се најдат во сериозна финансиска криза, неговиот став почнува да се менува.