
Американскиот актер Леонардо ди Каприо вечерва на отворањето на 78-от Меѓународен филмски фестивал во Кан му ја додели почесната Златна палма на својот холивудски идол, филмската легенда Роберт де Ниро.
Чест ми е што сум тука и му оддавам почит на некој кој беше пример за цела генерација актери, нашиот идол Роберт де Ниро“, изјави Леонардо ди Каприо.
„Делото на Роберт де Ниро не е само улогите што ги игра, туку и начинот на кој ги охрабрува актерите да го гледаат овој занает не само како изведба, туку и како трансформација“, додаде ди Каприо.
Примајќи ја Златната палма, Роберт де Ниро повика на „одбрана на демократијата“ од американскиот претседател Доналд Трамп, за кого е добро познат критичар.
Во САД „се бориме напорно да ја одбраниме демократијата за која мислевме дека сме ја стекнале“, рече 81-годишниот актер.
Уметноста е инклузивна, ги зближува луѓето, како вечерва, уметноста е во потрага по слобода, уметноста вклучува различност и затоа уметноста е под закана. Затоа ние сме закана за автократите и фашистите на овој свет“, изјави де Ниро.
„Некултурниот американски претседател… едноставно го прекина финансирањето за општествените науки, за високото образование, а сега објави 100 отсто царини за филмовите произведени надвор од САД“, додаде тој.
Тој порача дека мора да се дејствува и дека „секој што ја сака слободата треба да се организира, да протестира и да гласа кога има избори“.
Вечерва и во текот на 11-те дена на фестивалот, ќе ја покажеме нашата посветеност со оддавање почит на слободата, еднаквоста и братството“, рече де Ниро, изговарајќи ги последните три збора „liberte, egalite, fraternite“ на француски.
Леонардо Дикаприо и Роберт де Ниро неодамна беа заедно на екранот во филмот на Мартин Скорсезе „Убијци на цветната месечина“, кој го претставија во Кан во 2023 година. Двајцата актери веќе глумеа заедно во филмот на Мајкл Кејтон-Џонс од 1993 година, „Сонот на момчето“ и „Собата на Марвин“ на Џери Закс од 1996 година.